Претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев си поднесе оставка. Според пресудата на Управниот суд, тој 8 месеци незаконски ја извршувал функцијата, бидејќи претходно незаконски од местото претседателка беше разрешена Весна Дамева. Според пресудата на Управниот суд, Дамева по оставката на Георгиев продолжи да работи како претседателка на Советот, онаму каде што беше насилно прекината во извршувањето на функцијата.
Дамева кажа дека во 2023 имаше непријатна состојба во Судскиот совет, но пресудата на Управниот суд е првиот чекор за враќањето на правдата и на довербата на граѓаните во судството. Таа се заблагодари на новинарите за континуираното следење на ситуацијата во Судскиот совет и рече дека тие имаат најголема заслуга за правдата да победи. Ја поздрави и поддршката на ЕУ која ја прати оценската мисија во Судскиот совет.
Пресудата, по поднесената тужба на Дамева, е донесена на 14 декември, а Судскиот совет ја добил вчера. Со неа се поништува нејзиното разрешување на 26, односно на 27 април 2023.
Денеска паралелно со колегиумот, Управниот суд ја објави одлуката на судијките Ељмедине Асани, Виолета Богојеска и Имсале Хасани. Во неа на крајот пишува дека толку е незаконска постапката на разрешување на претседателката на Судскиот совет Дамева, што таа постапка била веднаш поништена, без потреба од јавна седница и расправа во Управниот суд.
Немало ниту законска основа за разрешување на претседател на Судски совет (бидејќи сè уште не е ни пропишана), а ниту обид да се отвори законска постапка да ја разрешат барем како член на Советот, со докази дека прекршила норми. Едноставно, со узурпирање на нејзиното место од потпретседателот Селим Адеми таа беше истуркана, а тој седна на столчето. Предложи да биде разрешена „поради нарушени меѓучовечки односи во Советот“, се гласаше и таа беше разрешена. Такво самоволие никаде нема ни во Законот за Судски совет, ниту во базичниот Закон за судовите.
Согласно член 34 од Законот за судовите:
(1) Образложено барање за поведување на постапка за дисциплинска одговорност на член на Совет, до Судскиот совет може да поднесат најмалку 20 судии или секој член на Судскиот совет со право на глас, ако членот на Советот: – влијае врз независноста на судиите и врши притисок во врска со одлучувањето по одредени предмети, – ја занемарува и не ја извршува својата функција во работата на Советот, – ако одбие да поднесе изјава за имотна состојба и интереси согласно со закон или ако податоците содржани во изјавата во голема мера се невистинити или -ги прекрши правилата за изземање во ситуации во кои членот на Советот знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за изземање предвидени со овој закон.
(2) Членот на Советот се разрешува од функцијата согласно со основите предвидени во ставот (1) на овој член ако повредата е сторена: -со намера или очигледна небрежност по вина на членот на Советот без оправдани причини и – повредата предизвикала тешки последици. Согласно член 35 од истиот закон, (1) Поднесено барање за дисциплинска одговорност на член на Советот заедно со доказите се доставува лично до членот на Советот за кој е поднесено барањето, преку архивата на Советот или со препорачана пратка на домашната адреса. (2) Ако членот на Советот не се затече на местото на достава од ставот (1) на овој член му се остава писмено известување за местото и времето за подигање на барањето и истото се смета за уредна достава.
(3) Членот на Советот може писмено да одговори на наводите во барањето или да даде усна изјава на записник во рок од осум дена од денот на добивањето на барањето.
(4) Заедно со одговорот на барањето членот на Советот ги доставува сите докази врз основа на кои го заснова својот одговор на барањето.
(5) Во рок од два дена од истекот на рокот од ставот (3) на овој член, претседателот на Советот, односно заменик претседателот во случај кога барањето се однесува за претседателот на Советот, до членовите на Советот ги доставува барањето за дисциплинска одговорност, одговорот од ставот (3) и доказите од ставот (4) на овој член, доколку истите се доставени и закажува седница на која ќе се расправа по барањето за дисциплинска одговорност на членот на Советот.
(6) Одлуката за разрешување на член на Советот ја донесува Советот со најмалку осум гласови од членовите со право на глас, при што за разрешувањето мора да гласале најмалку двајца членови избрани од Собранието на Република С.М..
(7) Во носењето на одлуката од ставот (6) на овој член, не учествуваат членовите по функција, членот за чија одговорност се одлучува и членот кој е подносител на барањето за дисциплинска одговорност.
(8) Мандатот на членот на Советот престанува со денот кога е донесена одлуката за разрешување на членот на Советот.
Ништо од ова пропишаново за разрешување на член на Судски совет во случајот на Дамева не беше спроведено, ниту пак беа поднесени некакви докази за нејзини неправилности, барем како член на Советот. Напротив, Селим Адеми во силна тензија и викање кон Дамева, отиде директно на незаконско разрешување од местото претседател на Судскиот совет, за што не е ни пропишана постапка.
На новинарско прашање што ќе се случи со досегашните одлуки со потпис на Георгиев, Дамева кажа дека ќе се разгледува до каде е опсегот на одлуките и што со нив. За Селим Адеми кажа: „Грешката е направена и исправена од Управниот суд. Очекувам да нема тивок или каков било друг бојкот. Не е ова Парламент“, кажа Дамева и потсети дека законот пропишува процедура за такво однесување.
За неа не се сите виновни за нејзината незаконска смена, зашто има колеги кои не го поддржале тоа. Кажа дека ако не поднела тужба до Управниот суд и кривична пријава до Обвинителството, ќе се сметала себеси за соучесник во незаконскиот чин на нејзиното разрешување.
С. К. ДЕЛЕВСКА