Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас очекува дека и грчкиот парламент ќе даде согласност за Договорот од Преспа и дека земјата Северна Македонија потоа брзо ќе му се приклучи на НАТО и ќе може да почне преговори за приклучување во ЕУ, откако во македонскиот парламент беа усвоени уставните измени предвидени со договорот за решавање на спорот за името.
„Решението на спорот за името помеѓу Скопје и Атина е на дофат. Очекувам дека и грчкиот парламент ќе даде согласност за договорот и дека земјата Северна Македонија потоа брзо ќе му се приклучи на НАТО и ќе може да почне преговори за приклучување во ЕУ. Спорот за името помеѓу Скопје и Атина траеше 27 години. Одговорните, пред сè премиерот Ципрас и премиерот Заев, презедоа енормни напори за конечно да се реши овој конфликт“, се вели во соопштението на германското МНР.
По изгласувањето на уставните измени, заедничко соопштение испратија Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во кое велат дека станува збор за клучен чекор кон имплементација на Преспанскиот Договор.
„Политичките лидери и граѓани ја покажаа својата одлучност да ја зграпчат оваа уникатна историска прилика за решавање на еден од најстарите спорови во регионот и одлучно да се движат напред на патот кон ЕУ. Додека ги чекаме следните чекори кои водат до целосна имплементација на Преспанскиот Договор, ЕУ останува цврсто посветена да продолжи да ја придружува и поддржува земјата во заедничката цел на ЕУ интеграција“, соопштија Хан и Могерини.