ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈА СО ЧАРТЕРИ ЌЕ НОСИ 35.000 ТУРИСТИ ГОДИШНО ОД ГЕРМАНИЈА, ФРАНЦИЈА И ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, НАЈАВИ МИЦКОСКИ

    ГЕРМАНСКА КОМПАНИЈА СО ЧАРТЕРИ ЌЕ НОСИ 35.000 ТУРИСТИ ГОДИШНО ОД ГЕРМАНИЈА, ФРАНЦИЈА И ВЕЛИКА БРИТАНИЈА, НАЈАВИ МИЦКОСКИТурата започнува со едно ноќевање во Скопје, па продолжува во Црна Гора, Албанија, потоа во Охрид каде што исто така ќе има ноќевање и завршува со две ноќевања дополнителни во Скопје.(Фото: Ѓ.Личовски)

    Годишно по 35.000 туристи од Германија, Франција и Велика Британија ќе доаѓаат во земјава. Како што кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски туристите ќе се носат со чартер летови, а турите ќе ги организира германската компанија „РСД“. Првите туристи се очекуваат во февруaри и секој ден ќе има по еден чартер лет со по околу 190 патници.

    „Тие имаат намера да развиваат културен туризам и да ние ги покажеме нашите културни капацитети коишто ги имаме како што е Охрид, потоа Скопје како главен град, како и меморијалниот центар „Мајка Тереза“ и останати културни знаменитости коишто претставуваат наша карактерна особина како држава. Она што е важно да се напомене е дека самата агенција „РСД“ има повеќе од 1 милијарда евра годишен обрт и таа покрај туризмот се занимава со други области како што се маркетингот, телекомуникациите, енергетиката, хотелиерството“, рече Мицкоски на прес-конференцијата која заедно со претставници на „РСФ“ ја одржаа во Владата.

    Како што кажа Мицкоски според просекот којшто досега е направен врз искуствата во минатите години работа на оваа компанија, тоа би значело дополнително околу 30 милиони евра директни трошења овде кај нас.

    Овие 35 илјади гости практично ќе бидат на балканска тура. Таа балканска тура започнува со едно ноќевање во Скопје, па продолжува во Црна Гора, Албанија, потоа во Охрид каде што исто така ќе има ноќевање и завршува со две ноќевања дополнителни во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира