Експерти и професионалци од Германија работат со тимовите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) за да се реши проблемот со хакерскиот напад на нивниот систем, поради кој доцнат платите за јануари на вработените во јавното здравство, како и исплатата на породилните остсуства, боледувањата и рефундациите на лекови, кажа денеска премиерот Димитар Ковачевски. Здравствените работници земаат плата на 10. ден во месецот, а законскиот рок за исплата истече вчера и течат каматите.
„Синоќа разговарав со министерот за финансии да се изнајде начин, бидејќи тие во наредните денови ќе имаат решение. Меѓутоа, свесен за тоа дека вработените немаат земено плата, а дека имаат свои обврски по кредитни, дебитни картички итн., разговаравме да може да се направи исплата преку Централниот трезор, а потоа да се направи порамнување со трезорот во ФЗОМ“, рече Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по отворањето на новата градинка во Волково.
Според премиерот, станува збор за хакерски напад на ФЗОМ, за ист тип хакерски напад каков што имаа Министерството за земјоделство пред извесен период и некои други институции. Станува збор за напад, рече тој, кој е дел од хибридната војна што се води моментно во Европа покрај класичната војна во Украина по нападот од Русија. На вакви напади, вели Ковачевски, беа изложени голем број институции во голем број држави и тоа особено членки на НАТО.
Фондот денеска соопшти дека во координација со јавните здравствени установи, се очекува потребната документација за исплата на плати да се прибере најдоцна до понеделник, за што поскора исплата на платите на здравствените работници.
„Доколку сите ЈЗУ го исполнат овој рок, согласно протоколот за исплата на плати, иплатата се очекува да биде веќе наредна недела“, велат од Фондот.
- ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО НЕМА ПЛАТА ЗА ЈАНУАРИ, НЕ СЕ ЗНАЕ НИ КОГА ЌЕ ИМА
- МАЈКИТЕ ОСТАНАА БЕЗ ПОРОДИЛНО ЗА ЈАНУАРИ, УШТЕ НЕ Е ПОПРАВЕН СИСТЕМОТ НА ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО
Б. НЕСТОРОСКА