Двајца мажи и две жени измамиле, а потоа и натепале скопјанец и му зеле 200.000 денари (околу 3.200 евра). Една од жените е во бегство, соопшти Обвинителството.
На 30 октомври оштетениот со една од осомничените жени отишле во мотел во Скопје, по што таа му предложила да повика уште една девојка. Оштетениот се согласил и осомничената ја повикала другата жена, па заедно го убедиле оштетениот да одат во друг поубав и поевтин хотел.
„Излегувајќи од собата, во темниот двор на мотелот, ги пречекале двајцата мажи кои биле во договор со жените и заедно му се нафрлиле на оштетениот. Го удирале со боксови по главата и телото додека не паднал на земјата, а од џебовите му ги одзеле парите, мобилниот телефон и личната карта“, соопштија од Обвинителството.
За случајот, Обвинителството спроведува истрага за сторено кривично дело Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени, поради опасност од бегство и можност да го повторуваат делото. За една од осомничените жени која е во бегство откако го извршила делото, притворот ќе започне да се применува откако ќе биде најдена и уапсена.



