ГО ПОЛОЖИВМЕ ПРВИОТ ГОЛЕМ ТЕСТ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ЗА ВОЕНАТА ВЕЖБА НА НАТО НА КРИВОЛАК

    ГО ПОЛОЖИВМЕ ПРВИОТ ГОЛЕМ ТЕСТ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ ЗА ВОЕНАТА ВЕЖБА НА НАТО НА КРИВОЛАКНа „Решителен удар 21“, учествуваа армиите на Македонија, САД, Бугарија и Грција. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На армискиот полигон Криволак денеска заврши воената вежба „Решителен удар 21“, со учество на армиите на Македонија, САД, Бугарија и Грција, како и припадници од составот на Балканските медицински наменски сили. Ова е прва вежба од ваков профил и карактер откако земјава стана членка на НАТО, а е дел од „Браник на Европа 21“ (Defender Europe 21), најголемата НАТО вежба во Европа годинава, предводена од Армијата на САД.

    Ова е прва вежба од ваков профил и карактер откако земјава стана членка на НАТО. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот Стево Пендаровски кажа дека Македонија во вежбата учествува во двојно својство, и како домаќин на армискиот полигон Криволак и преку припадниците на армијата, и дека „првиот голем тест го положивме“.

    „Таквиот тип на наше учество е резултат на високата доверба што сојузниците ја имаат кон нас, кон нашата армија и кон нејзините воени инсталации. Денес сакам да им се заблагодарам на припадниците на Инженерскиот баталјон на Армијата на Република Северна Македонија и на 15 Инженерски баталјон на Армијата на САД кои беа вклучени во развојот и проширување на капацитетите за обука и вежбање на полигонот. Во ‘Решителен удар 21’, освен припадници на Армијата на САД, учествуваат и претставници на армиите на Бугарија и Грција, со што го зајакнуваме билатералното партнерство со овие наши два соседа и во исто време ја интензивираме регионалната соработка во областа на одбраната и безбедноста“, рече Пендаровски на Криволак.

    Грчки воен авион на вежбата на Криволак. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Тој најави и дека земјава ќе продолжи со инвестирањето и развојот на полигонот Криволак, кој повеќе не е само македонски воен капацитет, туку и капацитет на целата Алијанса.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира