В.д. градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески го поништил решението за градба на хотелот кај Лагадин кој прекршува 12 закони. Георгиески за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека мината недела го потпишал решението за ништовност на дозволата за градба на хотелот бидејќи имало прекршување на постапките.
„Инвеститорот си добил дозвола врз постоечки Детален урбанистички план кој предвидувал во тоа заштитено подрачје да има хотел. Јас го поништив решението и не може да се гради врз основа на низа прекршувања во процедурата како на пример ненавремено известување за почеток на градба. Сега инвеститорот има право на жалба до Второстепената комисијата на Министерството за транспорт и врски на ова мое решение. Ќе видиме што ќе биде, но ова е прво донесено решение со кое инвеститорот не смее да гради врз основа на овие прекршувања на процедурата“, вели Георгиески.
Георгиески вели дека на брегот на Охридското езеро има многу дивоградби не е само хотелот кај Лагадин, за кои дури има и решенија за уривање.
„Случајот со Лагадин е многу деликатен. Но има многу решенија за уривање на објекти и платформи на езерото. Ако земеме да уриваме, тоа не е решение. Од една страна носиме Закон за легализација на дивоградби, а од друга треба да уриваме“, вели градоначалникот Георгиески.
Случајот со хотелот кај Лагадин повторно стана актуелен откако на 1 февруари премиерот Зоран Заев на трибина во Охрид на инвеститорот му вети дека тој лично ќе се заложи хотелот да се изгради.
„Чичко Никола, за хотелот во Лагадин неколку пати пораки разменивме, насоки давав и на министерот, на Митко, шефот на кабинетот, и го знам проблемот. Неколку пати Транспорт и врски носи позитивна одлука, се враќа. Разговарав со покоен Јован, со секретарот на Општината, сега и со другите. Има една работа, премиерот интервенира оти правото е на ваша страна, министерот интервенира оти правото е на ваша страна. Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може ’не бива‘. ’Не бива‘, не може најлесно да биде ’не‘. Ќе најдат начин како да биде ’да‘. Затоа што баналноста на одговорот, дадено одобрение за градба, почнувате со градба на објектот, ви е готов и при контрола вика не сте информирале дека сте почнале со градба. Ако треба, ќе ја земам под раце Второстепената комисија и ќе дојдат тука и ќе го решиме до крај“, кажа Заев на трибината.
По оваа изјава на премиерот Заев реагираа од Здружението на граѓани „Стар Лагадин“ кои му порачаа дека поттикнува криминал и корупција на градежната мафија со неговата изјава дека лично ќе се заложи случајот со хотелот во Лагадин да се заврши во корист на инвеститорот.
А. АНТЕВСКА