Новоизбраниот Обвинител за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази денеска излезе од анонимност. Во изјавата што ја даде денеска во Јавното обвинителство, тој не одговори децидно дали некогаш размислувал или анализирал зошто и по 20-годишно владеење, сè уште нема постапка и нема обвинение за корупција за висок функционер на ДУИ.
На прашање дали владејачката ДУИ стои зад него, Абази кажа дека зад него стојат 66 обвинителски гласови со кои победи на вчерашните избори, а не партија.
„Никогаш ниту сум бил член на политичка партија, ниту со моето работење сум оставил впечаток на блискост до некоја од нив. Лични контакти немам со Али Ахмети, иако го познавам како мој соселанец”, кажа Абази на прашање дали е близок со ДУИ.
Ова ново законско решение, со непосредни избори на кои излегоа и гласаа обвинителите од сите обвинителства, смета Абази, ќе овозможи спречување на надворешни влијанија при изборот на обвинител за организиран криминал.
Цело време на моите колеги им ги изнесував моите визија, програма и проекти, вели тој на забелешката како никаде не се појави, за разлика од тројцата противкандидати, а победи на изборот.
„Учесник сум во изработка на многу закони, сега сум во работна група за конфискација на имот стекнат од криминал”, кажа новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, во насока на тоа дека обвинителската фела го знае, а проблематиката која се нафати да ја работи, не ме му е непозната.
Абази вети дека ќе биде транспарентен. Дружење, рече може и со функционери, но ако не се учесници во постапка.
Приоритет за него ќе биде да се пополнат празните обвинителски места, како и тие на истражителите.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали како аналитичар, учесник во работна група за конфискација и за подготовка на закони, не му е чудно што нема ниту еден случај на откриена корупција или на обвинение против висок функционер од ДУИ, партија која е 20 години на власт, одговори дека не бил во допир со такви кривични дела, односно не биле во негова надлежност.
С. К. ДЕЛЕВСКА