ГОДИНАВА 39 НОВОРЕГИСТРИРАНИ СО ХИВ/СИДА, НЕМА СМРТЕН СЛУЧАЈ

    ГОДИНАВА 39 НОВОРЕГИСТРИРАНИ СО ХИВ/СИДА, НЕМА СМРТЕН СЛУЧАЈОд 1087 година кога е регистрирани првиот слуај со ХИВ, заклучно до денес регистрирани се вкупно 354 лица. - (Фото:МЗ)

    Годинава, заклучно со денес, регистрирани се 39 новоинфицирани со вирусот на ХИВ. Според податоците од Институтот за јавно здравје, од новооткриените случаи 35 пациенти се носители на вирусот, а 4 лица се болни од СИДА.

    Жарко Караџовски од Институтот за јавно здравје вели дека годинава не е регистриран смртен случај од СИДА во Македонија. Тој објаснува дека во последните пет-шест години бројот на новооткриени случaи се движи во рамката од 26 до 42 и дека во споредба со бројките до 2010 година, за два пати е зголемен бројот на новооткриени лица, но дека тоа се должи на лесната достапност на ХИВ тестовите низ 14 институции во земјава и на зголемената свест кај луѓето.

    „Според полот сите ново дијагностицирани со ХИВ се од машки пол, а според начинот на пренос 31 случај се од групата мажи што имаат секс со мажи, седум лица се инфицирале со хетеросексуален начин на пренос, а за едно лице не е познат начинот на трансмисија“, вели Караџовски.

    Најмногу инфицирани меѓу новите случаи со ХИВ се од Скопје, 18 лица, во Штип четири, а во останатите градови по три, два и едно лице.

    Според возраста, најмногу инфицирани има во возрасната група 20 до 29, или 19 лица, а потоа во возрасната група од 30 до 39 години, каде се регистрирани 14 лица. Пет лица се на возраст од 40 до 49 години, а еден пациент е во возрасната група од 50 до 59 години.

    „Првиот случај на ХИВ во земјава е регистриран 1987 година, и тоа кај лице болно од Хемофилија. Годинава се навршуваат 30 години од првиот дијагностициран случај и за разлика од порано сега е намалена смртноста меѓу пациентите, поради антиретровирусната терапија која ја примаат. Со оваа терапија ХИВ од смртонсона болест е сведена на долготрајно хронично заболување“, рече Караџовски.

    За триесет години, односно од 1987 година кога е откриен првиот ХИВ позитивен пациент до денес, со ХИВ се регистрирани 354 лица, од кои 301 се од машки пол, а 53 од женски пол. Од вкупно регистрираните лица со ХИВ во земјава најмногу се од возрасните групи од 30 до 39 години и од 20 до 29 години, а ХИВ е регистриран и кај пет сеца до шестгодишна возраст, кај едно дете до 14 годишна возраст и кај шест тинејџери до 19 годишна возраст. Меѓу пациентите со ХИВ на возраст од над 60 години регистрирани се девет лица.

    „Од вкупно регистрираните ХИВ позитивни во Македонија во овие 30 години, 83 лица починале од СИДА. Во моментов 184 лица живеат со СИДА, а 170 се ХИВ позитивни. За 10 лица нема податок каков е нивниот статус“, вели Караџовски.

    Од сите досега регистрирани со ХИВ во земјава, 177 се мажи кои имаат секс со мажи, 149 лица се инфицирале по хетеросексуален начин на пренос, во шест случаи вирусот е пренесен од мајка на дете, во 4 случаи лицата се хемофиличари, 12 лица се интравенски корисници на дрога, а во шест случаи начинот на пренос е непознат.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира