ГОРАН ГРУЈЕВСКИ И НИКОЛА БОШКОСКИ СО ПРИВРЕМЕНИ ГРЧКИ ЛИЧНИ КАРТИ НА СЛОБОДА ЧЕКААТ АЗИЛ

    ГОРАН ГРУЈЕВСКИ И НИКОЛА БОШКОСКИ СО ПРИВРЕМЕНИ ГРЧКИ ЛИЧНИ КАРТИ НА СЛОБОДА ЧЕКААТ АЗИЛМинистерството за правда нема ништо добиено околу одлуката на Врховниот суд на Грција. - Грујевски и Бошкоски пред судот во Солун (Фото: Ројтерс)

    Главните обвинети Горан Грујевски и Никола Бошковски во предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување, се на слобода во Грција и со привремени лични карти чекаат второ интервју пред грчките органи во процедурата за азил.

    На денешниот нов обид да почне овој судски процес, во кој обвинети се и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, судијката Џенета Бегтовиќ се обиде да дознае од нивниот адвокат Петар Василев каква била всушност одлуката на Врховниот суд на Грција, по која обвинетите, како што тврди адвокатот, се пуштени од екстрадициски притвор.

    „Не се сеќавам како точно одлучи Врховниот суд. Одлучи во три минути. Одлуката беше соопштена на грчки јазик. Преведувачот на Грујевски и Бошковски само се сврте кај што седевме јас и адвокатите нивни од Грција и кажа дека веднаш се пуштаат од екстрадициски притвор. Уште еднаш изјавувам дека само ова што го зборам е вистина. Се чудам како толку брзо и со штуро објаснување беше објавена одлуката и беа ослободени. Чекаме писмен примерок од јавно објавената пресуда на Врховниот суд“, објаснуваше адвокатот Василев пред судијката Бегтовиќ како знае и има преведено решение од Врховниот суд на Грција за пуштањето од притвор на Грујевски и Бошковски, а не знае каква е главната одлука на истиот тој суд, одлуката дали ќе бидат екстрадирани во Македонија, или не.

    Жалбата против одлуката на Апелацискиот суд во Солун за екстрадиција на двајцата, е прифатена од Врховниот суд од формален и од суштински аспект, дополни адвокатот на Мијалков, Љупчо Шврговски. Василев потсети дека во жалбата било наведено дека обвинетите се веќе помилувани од претседателот Ѓорѓе Иванов.

    Василев претходно рече дека тоа Врховниот суд го кажал при краткото соопштување на одлуката, на крајот се коригираше и рече сепак не сака да шпекулира која е одлуката за екстрадирањето на обвинетите во Македонија, упатувајќи го судот дека за една недела таа одлука ќе ја добијат на писмено. Пак има пауза за да видат СЈО, судот и одбраната што ќе прават во дадената ситуација, бидејќи судењето за масовното нелегално прислушување со месеци никако не може да почне.

    Во меѓувреме, Министерството за правда нема ништо добиено околу одлуката на Врховниот суд на Грција. Судовите во Македонија во вакви случаи ги водат постапките и одлучуваат според документите што ќе ги добијат преку Министерството за правда и никако поинаку. Од оваа постапка денеска беше издвоена обвинетата ексминистерка Јанкулоска, поради ризична бременост. За неа ќе биде оформен посебен предмет „Тврдина -Таргет“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира