Повеќе од три часа вечерва била блокирана делницата Ниш – Скопје за да помине претседателот на Македонија Ѓорге Иванов со придружбата, јавуваат граѓани на Македонија што биле запрени кај Ниш од српската полиција и седеле заглавени заедно со уште стотина возила. Автопатот бил блокиран во правец кон Македонија, а патот кај Грделичка клисура бил блокиран во двата правци – и кон Белград и кон Скопје.
Возачот од Скопје што ни ги испрати фотографиите вели дека тој и неговото семејств0 имале среќа па биле застанати во близина на бензинска пумпа, но други возила биле тргнати настрана и паркирани по нивите за да можат двете ленти од тој дел на автопатот да бидат празни. Им било речено дека патот бил затворен за да помине македонскиот претседател, но никој не можел да им каже колку време ќе седат заробени.
Тоа предизвикало голема нервоза која неколку пати преминала и во расправија со српските полицајци. Тие им велеле на возачите и патниците во возилата дека им било речено оти македонските власти инистирале автопатот да биде целосно испразнет од возила „поради безбедносни причини“.
Претседателот Ѓорге Иванов од петокот е во тридневна посета на Србија и вечерва треба да се врати дома.
Откако претседателската колона поминала, од возилата се направиле огромни колони и на патарините.
Локалните медиуми на албански јазик од јужна Србија најавија дека на 28 и на 30 октомври ќе има застој на сообраќајот на граничниот премин Прешево – Табановце, но и тие не соопштија во кое време ќе се затвори границата и колку време ќе трае прекинот.
Од АМСМ нема одговор колку време се чека за влез и излез од Македонија на преминот Табановце затоа што на телефонот се вклучува телефонска секретарка.