ГРАДОНАЧАЛНИК ПРЕСКОКНАЛ 10 ВРАБОТЕНИ ВО ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТАТА ЗАШТО НЕ БИЛЕ ЧЛЕНОВИ НА СИНДИКАТОТ НА УПОЗ, СЕГА ТРЕБА ДА ИМ ЈА ПЛАТИ РАЗЛИКАТА ЗА ОСУМ МЕСЕЦИ

    ГРАДОНАЧАЛНИК ПРЕСКОКНАЛ 10 ВРАБОТЕНИ ВО ПОКАЧУВАЊЕ НА ПЛАТАТА ЗАШТО НЕ БИЛЕ ЧЛЕНОВИ НА СИНДИКАТОТ НА УПОЗ, СЕГА ТРЕБА ДА ИМ ЈА ПЛАТИ РАЗЛИКАТА ЗА ОСУМ МЕСЕЦИСе работи за раскол помеѓу администрацијата во Општината, па оние кои плаќале членарини, му рекле на градоначалникот да не им дава покачување на колегите кои не биле членови на синдикатот. - Од протестите на УПОЗ минатиот месец. (Фото: УПОЗ)

    На барање на Синдикатот на работниците од управата, правосилните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ)  во општина во Македонија, Општината и градоначалникот казниле десетмина вработени бидејќи не членувале во УПОЗ и не плаќале членарина. На овие вработени, само зашто не биле членови на синдикатот, не им била зголемена, односно усогласена платата согласно новиот Колективен договор склучен на 20 април оваа година, што е потежок облик на дискриминација.

    Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) утврдила продолжена, деветмесечна директна дискриминација од страна на Општината и градоначалникот во областа на работата и работните односи и бара во рок од 60 дена да им се надоместат ускратените средства на дискриминираните вработени за сите месеци.

    Членувал-не членувал во синдикат, Колективниот договор не може селективно да се применува кај администрацијата, па едни да добијат покачување, а другите да бидат заобиколени, велат нашите закони. Новиот колективен договор важи и за тие кои не членуваат во синдикалната организација, односно не плаќаат членарини, а само даваат поддршка на активностите. Дури и да не даваат поддршка на колегите што членуваат, протестират и слично, усогласување, односно покачување на платата им следува и ним.

    Членството во синдикати во Македонија е доброволно.

    Комисијата донела мислење дека ова е потежок вид на дискриминација во областа на работните односи. Претставката ја поднел вработен на местото за евидентирање даноци и такси во Општината. Во април, градоначалникот направил усогласување на платата на сите вработени, согласно постигнатиот договор на УПОЗ со државата, но ги прескокнал овие десет луѓе.

    Сега градоначалникот треба да им исплати сѐ што им го ускратил зашто ќе изгуби на суд. Се работи за раскол во локалната синдикална организација, па оние кои членувале му рекле на градоначалникот да ги казни колегите кои не плаќале членарина, а тој едвај чекал да ги прекрши законите и Уставот.

    Со Колективниот договор се утврдуваат правата и обврските на вработените, а не правата и обврските на членовите на синдикатот. Не смее да има селективност.

    Пред да им ја плати разликата во покачувањето што им ја ускратил, градоначалникот треба да иницира корекција на Колективниот договор, во кој незаконски е ставена одредба дека тој важи само за членовите на синдикатот на УПОЗ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира