На осмиот состанок на Кризниот штаб на Куманово на чело со градоначалникот Максим Димитриевски, донесени се неколку заклучоци, а првиот е барање до Владата да донесе препорака за целосен карантин на оваа општина.
„Бараме од Владата на Република Северна Македонија да донесе препорака (одлука) за воведување карантин на територијата на Општина Куманово, со поставување на контролни пунктови од страна на МВР на секој влез и излез во градот, на кои воедно ќе се врши контрола и соодветна дезинфекција на сите возила и патници, кои влегуваат во Куманово, се наведува во соопштението.
Општинскиот кризен штаб бара од Владата да обезбеди и поголем број на тестови за вирусот COVID 19 и да отвори повеќе пунктови за тестирање на лица. Се бара и зголемување на полицискиот час во Куманово, во времетраење од 18.00 до 06.00 часот.
Јавното претпријатие Чистота и зеленило Куманово е задолжено да изврши дезинфекција во сите влезови на станбени згради и во ходниците. Капелите ќе бидат затворени, а погребување да се врши на гробното место.
С. К. ДЕЛЕВСКА