ГРЧКИ МИНИСТЕР ДОЈДЕ НА ОТВОРАЊЕ НА АВТОПАТОТ ДЕМИР КАПИЈА – СМОКВИЦА

    ГРЧКИ МИНИСТЕР ДОЈДЕ НА ОТВОРАЊЕ НА АВТОПАТОТ ДЕМИР КАПИЈА – СМОКВИЦАAвтопатот е долг 28,2 километри а преку неgo се очекува да минуваат 730.000 возила годишно. - Премиерот Зоран Заев се поздравува со грчкиот министер за инфраструктура, транспорт и мрежи Христос Спирцис (Фото: Ѓ.Личовски)

    По шест години изградба денес е пуштен во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица, кој е дел од Коридор 10. Оваа делница од автопатот е долга 28,2 километри, а преку неа се очекува да минуваат 730.000 возила годишно.

    “Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на ЕУ, кон која водат сите патишта. Овој автопат е еден од нив и во буквална смисла. Овој автопат поврзува и води кон ЕУ“, рече премиерот Зоран Заев.

    На пуштањето во употреба присуствуваше и грчкиот министер за инфраструктура, транспорт и мрежи Христос Спирцис.

    Кристијан Даниелсон, генерален директор за соседски политики и преговори за проширување на Европската комисија, кажа дека изградбата на овој дел од Коридор 10 е сложен проект и од аспект на геологија и од аспект на геотехника.

    „Изградбата на делницата Демир Капија Смоквица вклучи изградба на многу тунели, вијадукти, високи насипи. Реализацијата на овој проект покажува како може домашни компании од вашата земја рака под рака со компании од Грција да работат заедно во реализација на овој важен проект“, кажа Даниелсон.

    „Овој автопат поврзува и води кон ЕУ“, рече премиерот Зоран Заев (Фото: Ѓ. Личовски)

    Изградбата на автопатот чини 218 милиони евра, и плус 10 милиони евра за надзор. Од вкупната сума на средства 70 милиони евра се грант од ЕУ, а останатите пари се кредити од Европска банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка, а 6 милиони евра се од државниот буџет.

    Долж трасата изведени се над осум милиони метри кубни високи насипи и длабоки ископи во теренот, шест моста, два тунела со должина од 1,2 километри, две клучки кај Миравци и кај Смоквица, 100 канали. Поставено е современо енергетско и ефикасно осветлување во тунелите, како и системи за вентилација, детекција и гасење пожар.

    На новиот автопат ќе има две патарини, едната кај Гевгелија,а другата кај Демир Капија, за кои пред еден месец е издадена градежна дозвола и треба да се завршат за осум месеци. Автопатот го градеше грчката фирма „Актор“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Владата лани во октомври потпиша анекс на договорот за изградба, за да го продолжи рокот за градба до февруари годинава. Во овој период беше довршена изградба на контролниот центар кај Неготино и беше дислоциран далноводот на МЕПСО. Специјалното јавно обвинителство отвори истрага под име „Актор“ за изградба на автопатот Демир Kапија – Смоквица во однос на фаворизирање на грчката фирма на тендерот и поради постоење сомнение за перење пари.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира