Грција ја продолжи забрана за влез во земјата на државјани од Македонија до 30 септември.
Како што јавува дописничката на МИА од Атина, станува збор за двете министерски одлуки, кои во изминатите месеци се продолжуваа на секои две седмици.
Во однос на копнените граници, ограничувањата се однесуваат на патните и железничките поврзувања на Грција со Северна Македонија, Албанија и на Турција. За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата) и само со негативен ковид тест направен 72 часа пред пристигнувањето.
Од останатите гранични премини што се отворени, односно Какавија и Кристалопиги кон Албанија, Евзони (Богородица) кон Северна Македонија, Нимфеа кон Бугарија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со негативен ПЦР тест.
Овие гранични премини се отворени од 7 часот наутро до 23 часот, а забраната не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Северна Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и EULEX на Косово.