Со Грција не ни треба игра за надмудрување, туку треба да сме сојузници, рече денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров, во пресрет на утрешната средба во Скопје со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас.
„И за Грција е важно да има стабилен сосед, да го препознае и поддржи новиот ангажман на Владата и нашите напори да станеме полноправна членка на НАТО. Се надеваме ќе го препознаат тоа. Не сакаме игра со надмудрување со Грција, треба да сме сојузници. Толку бевме заглавени во кал и толку беше нарушена меѓународната политика, но превземавме клучни чекори за подобрување на односите со соседите. Треба да ја убедиме Грција дека не сме им проблем“ рече Димитров на денешната конференција „Македонија во НАТО“.
Шефот на македонската дипломатија напомена дека мавтањето со мапи на голема Македонија не е прифатливо. Цел треба да ни биде мапа на голема Европа.