ГРУЕВСКИ БАРА ДА СЕ СНИМА СУДЕЊЕТО ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ, РОЧИШТЕТО ОДЛОЖЕНО

    ГРУЕВСКИ БАРА ДА СЕ СНИМА СУДЕЊЕТО ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ, РОЧИШТЕТО ОДЛОЖЕНОЛидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски дава изјава по денешното одложено рочиште за „Траекторија“ во Основниот суд Скопје 1. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Судењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за предметот на СЈО „Траекторија“ денеска беше одложено за 18 декември. Одбраната побара да има тонско и визуелно снимање на судењето, за, како што кажа еден од адвокатите, да бидат сигурни дека сè ќе биде точно внесено во записникот. Бидејќи немаше обезбедено снимање во судницата, рочиштето се одложи за 18 декември.

    Покрај Груевски, обвинети во овој предмет се уште Владимир Пешевски, Миле Јанакиески, Љупчо Георгиевски. Сите четворица беа присутни денеска во судницата во Основниот суд Скопје 1. Груевски е обвинет за кривичното дело Примање награда за противзаконито влијание, додека останатите тројца се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластувања.

    Криминалот, според СЈО, поранешниот вицепремиер Пешевски, ексминистерот за транспорт и врски Јанакиески и ексдиректорот на ЈП за државни патишта Георгиевски, го извршиле во втората половина од 2012 и во текот на 2013 година во постапка за изградба на автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид. Тие се обвинети дека со делото злоупотреба на службената положба и овластувањата, државниот буџет го оштетиле за 155.117.172 евра и за истиот износ на изведувачот „Синохидро“, му овозможиле на противправна имотна корист.

    „Четирите лица во постапката ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки и постапиле спротивно на условите на кинеската влада и кинеската банка Ексим како заемодавач“, рече обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи на 22 мај годинава, кога беше отворена истрагата.

    Истрагата за кинеските автопати произлегува од 14. бомба на лидерот на СДСМ и премиер Зоран заев, кој објави прислушуван разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот премиер Никола Груевски.

    Груевски, пак, во „Траекторија“ е обвинет за поткуп, односно примање награда за противзаконито влијание.
    Во разговорот додека трае тендерскиот процес за автопатите, Груевски го прашува Јанакиески „За ова ти колку предлагаш?“, на што Јанакиески одговара: „5%“. Јанакиески потоа дообјаснува дека во точен износ тоа „би се движело меѓу 15 и 18“. Груевски на крај го прашува: „Да не е многу бе, а? Да не се претера, претера новинарството?“.

    Во друг разговор од истата бомба, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески ѝ вели на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска: „Да ти кажам ноќеска каква порака добив, ми се смачи што ми идеше да му грабнам телефон да му ја скршам главата“ и потоа додава: „Нè тера да напраиме незаконско нешто. Не ја, Миле и Владо треба да потпишат со тие Кинезите и нејќат луѓето да потпишат. И во право се што нејќат“.

    Автопатите Скопје-Штип и Кичево-Охрид ги гради кинеската компанија „Синохидро“ со кредит од кинеската банка „Ексим“ од 580 милиони евра. Двата автопата почнаа да се градат во февруари 2014 година. Автопатот Скопје-Штип требаше да биде готов до 1 мај годинава, а Кичево-Охрид до 29 јануари 2018 година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира