ГРУЕВСКИ ДЕНЕС СО НАБИЕНА АГЕНДА ВО КРИВИЧНИОТ СУД

    ГРУЕВСКИ ДЕНЕС СО НАБИЕНА АГЕНДА ВО КРИВИЧНИОТ СУДЛидерот на ВМРО-ДОМНЕ во оставка Никола Груевски е обвинет во пет предмети на СЈО. - Груевски пред Основниот суд Скопје 1 (Фото:Ѓ.Личовски)

    Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ во оставка Никола Груевски денеска треба да се појави на две судење во Основниот суд Скопје 1. Прво во 9.45 часот е закажано второто рочиште за предметот на СЈО „Траекторија“ каде покрај Груевски, обвинети за поткуп, односно примање награда за противзаконито влијание за кинеските автопати се и Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски. Првото судско рочиште за овој предмет кое се одржа на 6 декември беше одложено бидејќи одбраната на обвинетите побара судењето да се снима тонски и тонски-визуелно.

    Во 11 часот закажано е ново рочиште за случајот на СЈО „Насилство во Општина Центар“, каде Груевски е првообвинет за насилствата во Општината и нарачаните шамари за ексградоначалникот Андреј Жерновски во 2013 година. Во овој предмет обвинети се 14 лица меѓу кои и пратеничката Даниела Рангелова и ексминистерот Миле Јанакиески. Досега двајца од обвинетите, советникот во Општина Центар Томислав Лазаревски и поранешниот советник Јордан Ристевски, признаа вина и добија 6 месеци условна казна.

    За шамарите во Општина Центар, Никола Груевски треба да се појави во Кривичниот суд и во среда, за кога е закажано уште едно рочиште.

    Во Кривичниот суд во обвинителна клупа неделава треба да седне и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, за предметот на СЈО „Тврдина-Таргет“. Првото рочиште за предметот за сомнежите за нелегалното прислушување на граѓани од 2009 до 2015 година, од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи е закажано за в петок. Покрај Мијалков во овој случај обвинети се и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, ексначалникот на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошковски кои се во притвор во Солун, како и Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира