Обвинетиот експремиер Никола Груевски кој според СЈО, преку Гордана Јанкулоска за свои потреби во 2012 година си нарача и МВР му купи блиндиран мерцедес од 600 илјади евра, бара веќе објавените „бомби“ за нарачката, да не важат во судењето за „Тенк“.
„Со оглед на тоа дека од вкупно 8, четири веќе беа објавени во јавноста, бараме објавените снимки од незаконски прислушуваните разговори да не важат во постапката“, рече адвокатот на Груевски.
Ова е првпат во случаите на СЈО пред Основниот суд Скопје, кај што се судат сите предмети на ова обвинителство, обвинет да ги спори само објавените снимки. Истовремено, од овој суд премиерот Зоран Заев бара да не важат како докази посебните истражни мерки зашто беа објавени на Јутјуб, за случајот против него именуван како „Поткуп“.
Снимките за кои Заев тврди дека се прекинувани и монтирани и затоа ги бара во целост, беа тајни како и секои други ПИ мерки на Обвинителството. На денешното рочиште одбраната на Груевски, Јанкулоска и Ѓоко Поповски од МВР, ја оспорија и надлежноста на СЈО за овој случај. Подоцна ги оспорија во целост прислушуваните разговори.
„Не се ова ПИ мерки. Прислушуваните разговори не уживаат таква заштита. Не е утврдена автентичноста, дали гласовите се на обвинетите, дали снимките се целосни, дали не е скратен крајот на некои разговори, кога вообичаено, ние со еден збор го поништуваме целиот разговор, договор. Не сме ние виновни што политиката го донесе овој закон за СЈО”, рече адвокатот на Груевски.
Токму Груевски е еден од четирите потписници на Пржинскиот договор со кој се формираше СЈО.
На ова, обвинителите од СЈО Ленче Ристоска и Стефчо Донев потсетија дека обвинението за „Тенк“ судовите го прифатија во целост, а бомбите, ако сакаат, обвинетите и одбраната може да дојдат во СЈО и денес да ги слушаат и да направат препис. Потсетија и дека бомбите со одлука на Скопска апелација, ќе важат како докази и во оваа постапка.
Во „Тенк“, Јанкулоска и Попоски како тогашен шеф за јавни набавки во МВР, обвинети се за злоупотреба на службената положба и овластувањата, за беззаконската набавка со кршење на Законот за јавни набавки. Груевски е за примање награда за противзаконито влијание. И со правосилни одлуки на Апелациониот суд Скопје, судењата на СЈО почнуваат многу тешко, зашто со часови и денови адвокатите на обвинетите со сите можни средства ги напаѓаат прислушуваните разговори како докази во постапката. Тоа се случува и на моменталното судење за незаконската набавка на блиндираниот мерцедес.
С. К. ДЕЛЕВСКА