Потврдената затворска казна од 2 години за експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и намалената казна од 6,5 на 4,5 години затвор за поранешниот шеф на набавки во МВР Ѓоко Поповски, уште немаат печат за правосилност. Одлуката на Апелациониот суд Скопје ќе стане правосилна кога судијата-известител ќе ја напише, предметот ќе дојде назад во Основниот суд Скопје 1 и тука ќе биде ставен печатот.
Груевски е осуден во случајот „Тенк“ на СЈО, за незаконито влијание во набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард“ од безмалку 600.000 евра.
По приемот на предметот од Апелациониот суд, согласно АКМИС–електронскиот систем за процесуирање предмети, ќе биде распределен на судија за извршување санкции за понатамошно постапување. Осудените имаат рок од 3 дена да се жалат на правосилноста на одлуката.
Согласно законските одредби, судија за извршување санкции изготвува упатен акт за осудените, на кој датум, во колку часот, на која затворска капија да се јават за да го почнат издржувањето на затворските казни. Актот им се дава на осудените Груевски и Поповски и тие се должни доброволно да се јават на извршување на определената санкција. Во спротивно, ќе бидат присилно спроведени на адресите што им ги одредил судијата за извршување санкции.
Поповски веќе е на издржување на казната затвор.
Груевски може да побара одлагање на почетокот на извршувањето на казната (по член 89 од Законот за извршување на санкциите), ако:
- се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности
- се случила смрт или тешка болест во потесното семејство на осуденото лице
- одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна непогода, или со друга несреќа, а во семејството на осуденото лице нема доволно друга работна сила
- осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета
- одлагањето на осуденото лице му е потребно заради завршување на училишната година или за полагање на испит за кој се подготвувало
- заедно со осуденото лице се осудени неговиот брачен другар или други членови на заедничкото домаќинство, или ако некои од нив се наоѓаат на издржување на казната, а со упатувањето на сите овие лица на издржување на казна би била загрозена издршката на старите, болните или малолетните членови на семејството, или би се довело во прашање нормалното стопанисување на домаќинството
- е осудена жена чие дете е помало од една година или која е бремена, а до породувањето не преостануваат повеќе од три месеца, и ако:
- е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште.
Груевски и Поповски можат да искористат вонредни правни лекови за преиспитување на одлуката на Апелација, но тоа не го одлага извршувањето на казните. Овие работи тие ќе може да си ги бркаат од затворска установа.
Ако искористат правни лекови од Врховниот суд, тој нема да може да одлучува без да побара мислење од надлежниот јавен обвинител.
С. К. ДЕЛЕВСКА