2 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ГРУЕВСКИ, ПОТВРДИ АПЕЛАЦИОНИОТ СУД

    2 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ГРУЕВСКИ, ПОТВРДИ АПЕЛАЦИОНИОТ СУДЖалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, соопшти скопска Апелација за случајот „Тенк“ на СЈО за набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард“ од 600.000 евра (Фото: М. Златевска)

    Затворската казна од 2 години за експремиерот Никола Груевски во предметот на СЈО „Тенк“ ја потврди Апелациониот суд Скопје. Казната е за незаконито влијание на обвинетиот Груевски за набавката на луксузниот „мерцедес С-600 гард“, кое тие не можеле да го одбијат зашто им бил шеф, премиер. Казната на другиот осуден, Ѓоко Поповски, му е намалена од 6,5 на 4,5 години.

    „Жалбите на обвинетиот Н.Г. од С. изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост. Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-23/18, познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот Ѓ.П. од С. делумно ја уважи на начин што ја преиначи во делот на одлуката за казната и го осуди на казна затвор во траење од 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди“, соопшти Апелациониот суд во Скопје.

    Груевски и Поповски беа осудени на затворски казни во „Тенк“ од Основниот суд Скопје 1 на 23 мај.

    Во 2011, МВР донело одлука за купување блиндирано возило најмногу до 243.000 евра, поради осиромашениот буџет на министерството, но под влијание на тогашниот премиер Никола Груевски со барања за луксуз, Гордана Јанкулоска како министер потпишала одлука за набавка на ново возило од речиси 600 илјади евра.

    Во прислушуваните разговори, Груевски ѝ кажува на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека пред себе ги има проспектите за тоа на „М“, оти другите проспекти не знае кај се и не му требаат. Ѝ, вели да ја тера работата за тоа на „М“. Јанкулоска му кажува дека јавното наддавање ќе биде електронско, но дека внимаваат и ја таманат работата да не влета некој друг освен „Макаутостар“.

    Пред Апелација беа сите докази за тоа како била наместена јавната набавка која ја спровел третообвинетиот, поранешниот шеф на јавните набавки во МВР Ѓоко Поповски. Односно, како со тие критериуми била исклучена конкуренцијата. За техничките спецификации што биле наведени во тендерската документација, понуда дал само „Макаутостар“, бидејќи биле направени за блиндиран „мерцедес С-600 гард“, никако за „бе-ем-ве“, „ауди“ и останатите типови возила кои можеби би биле поевтини.

    Тука е и бомбата каде Груевски ѝ вели на Јанкулоска дека до локалните избори ќе се вози со старото возило, особено кај што ќе го чекаат новинари и граѓани, а по локалните, како што вели, „ќе речеме дека сме го презеле од МВР“.

    Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира