Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска објави дека неговата партија ќе оди на избори, без разлика на тоа што ќе одлучи СДСМ.
„Ние не можеме да чекаме. Државата е поделена по сите основи. И тоа мора да запре. Наша одговорност е да решаваме кризи. Избори мора да има и ќе има“, рече Груевски.
Тој рече дека медиумите се регулирани, дека нема заплашување на избирачи, нема мешање на партијата со државата, на начин на кој СДСМ се меша во МВР и Министерството за труд и социјална политика,а избирачкиот список е чист.
Груевски го повика лидерот на СДСМ да размисли за бојкотот на изборите. „Ова не е битка меѓу Заев и Груевски. Ова е битка за Македонија. Народот сака избори, народот сака државата да оди напред. Доста е.“, рече Груевски. Тој тврди дека „ова е почеток на крајот на кризата“.