ГРУЕВСКИ ПОМИНА НИЗ СРБИЈА СО ЛИЧНА КАРТА И ПАТЕН ДОКУМЕНТ ОД УНГАРСКАТА АМБАСАДА ОД ТИРАНА, КАЖА ВУЧИЌ

    ГРУЕВСКИ ПОМИНА НИЗ СРБИЈА СО ЛИЧНА КАРТА И ПАТЕН ДОКУМЕНТ ОД УНГАРСКАТА АМБАСАДА ОД ТИРАНА, КАЖА ВУЧИЌ„Со Заев сум контактирал четири или пет пати, мислам дека воспоставивме нормални односи“, вели Вучиќ. - Заев и Вучиќ на средбата на граничниот премин Табановце-Прешево на 2 септември (Фото: СДК.МК)

    Српскиот претседател Александар Вучиќ потврди дека осудениот експремиер Никола Груевски поминал низ Србија на пат за Унгарија, во синоќешното интервју за телевизијата „Хепи“. Тој вели дека Груевски легално поминал низ Србија, со македонска лична карта и патен документ од унгарската амбасада во Тирана, бидејќи во тој момент, по него немало распишано меѓународна потерница.

    „Груевски побегна преку Албанија. Денот на 11 ноември, во текот на ноќта, меѓу еден и два после полноќ, немаме официјални податоци, лицето Никола Груевски влегува на територијата на Албанија, легитимирајќи се и во придружба на две лица од унгарска националност. Потоа влегува во Црна Гора на преминот Божај, повторно со нормални документи и со познатиот пасаван дополнително, кој го добил во унгарската амбасада во Тирана. На 12 ноември, некаде околу 22.27 часот, Никола Груевски влегува на преминот Гостун во Србија со регуларна лична карта издадена во Скопје, во придружба од лицата Јожеф Золтан и Феле Ѓихази, не е ни важно. На 12 ноември, во 05.11 часот, без одмор вози веројатно, именуваното лице ја напушта Србија на преминот Хоргош и притоа сe легитимира со травел документ или пасаван со сериски број 100.501 издадена во Тирана на име Никола Груевски, со лична карта и во придружба на лица со дипломатски документи и дипломатско возило. Дури на 13.11 во 19,35 часот од Интерпол Скопје ни е доставена меѓународна потерница за именуваното лице. Значи, да го застанавме Никола Груевски, тоа би било киднапирање од наша страна“, рече Вучиќ.

    Груевски на 9 ноември требаше да се јави во затворот Шутка на издржување затворска казна од две години за предметот „Тенк“ на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра, откако му беше одбиена жалбата, но судскиот курир во три наврати не успеа да му го врачи упатниот налог оти во домот немаше никого.

    На 12 ноември македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје, а МВР објави национална потерница по Груевски.

    На 13 ноември Груевски објави на Фејсбук дека е во Будимпешта и дека бара политички азил поради закани по живот во Македонија. Попладнето МНР ја проверуваше веродостојноста, унгарското МНР отпрвин ниту ја потврди, ниту ја демантираше, а пет часа по објавениот фејсбук-статус, вечерта на 13 ноември и МВР соопшти дека Груевски е во Унгарија и дека по него е распишана меѓународна потерница.

    На 15 ноември Албанија официјално потврди дека на 11 ноември во 19:11 часот Груевски излегол од Албанија преку преминот Хан Хоти во правец кон Црна Гора, во автомобил сопственост на Амбасадата на Унгарија во Тирана.

    Црногорската полиција на 15 ноември потврди дека Груевски со унгарско дипломатско возило влегол во Црна Гора на 11 ноември во 19.19 часот преку граничниот премин Божај, а во 22.16 часот истиот ден ја напуштил земјата на граничниот премин Добраково со Србија.

    Премиерот Зоран Заев на прес-конференција на 16 ноември кажа дека уште на 13 ноември министерот за внатрешни работи на Унгарија се јавил кај Спасовски и потврдил дека Груевски е таму и дека барал азил и оти тие остануваат наши пријатели.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари