ГРУЕВСКИ СЕ МАЈТАПЕШЕ СО МЕНЕ ДЕКА СУМ ГИ ИМАЛ БОМБИТЕ, НО СЕ ЗАФРКНА ШТО НЕ МЕ ПРИТВОРИ КАКО ВЕРУШЕВСКИ, СВЕДОЧЕШЕ ЗАЕВ ВО СУД

    ГРУЕВСКИ СЕ МАЈТАПЕШЕ СО МЕНЕ ДЕКА СУМ ГИ ИМАЛ БОМБИТЕ, НО СЕ ЗАФРКНА ШТО НЕ МЕ ПРИТВОРИ КАКО ВЕРУШЕВСКИ, СВЕДОЧЕШЕ ЗАЕВ ВО СУДЗаев кажа дека до објавувањето на бомбите на 9 февруари 2015, имал вкупно 4 состаноци со Груевски во неговиот кабинет, на тема прислушувани разговори. - Премиерот Заев денеска пред Кривичниот суд (Фото: К. Попов)

    Во продолжение на денешното сведочење на премиерот Зоран Заев во судскиот процес за „Тврдина-Таргет“, но како лидер на СДСМ во опозиција, тој кажа како завршиле средбите со тогашниот премиер Никола Груевски, на кои го информирал за милионот прислушувани разговори кои му биле праќани да ги чита. Зборуваше како лично Груевски управувал со Обвинителството и како го возвратил ударот од Заев, но и дека направил мал превид.

    „Информацијата дека СДСМ поседува снимки од незаконското следење на комуникациите ја споделив со тогашниот премиер Никола Груевски и со стручни луѓе во обвинителството на кои им верував. Но, само дека ги поседувам. Откако обвинителите не можеа да гарантираат дека материјалите ќе бидат процесирани, Груевски на средбите се шегуваше дека тоа не може да биде точно, дека поседуваме ваков тип на материјали. Одлучи тој, строго под негова контрола врз Јавното обвинителство кое е независен орган, да ги збрише имателите на таквите материјали. За мене одлучи само да ми го земе пасошот, да не ме притвори како Верушевски и другите во ‘Пуч’. Така, јас добив можност да ги објавам бомбите“, рече Заев.

    На друго прашање, Заев одговори дека до објавувањето на бомбите на 9 февруари 2015, имал вкупно 4 состаноци со Груевски во неговиот кабинет, на тема прислушувани разговори.

    „Му предочив дел од тие материјали наративно, за да му докажам дека СДСМ го поседува материјалот. Му го кажав неговиот разговор со блискиот соработник како тој купува плац на Водно, на пример“, рече Заев.

    Тој одговараше и на прашање дали имале пауза во дотур на прислушуван материјал од УБК, кој тајно се носел во СДСМ. Кажа дека СДСМ има само третина од прислушуваните разговори, а другите две третини фалат. Додаде дека имало дисконтинуитет, бидејќи немало прилив секој ден.

    На прашање на, судијата Владимир Туфегџиќ дали ги препознава бомбите што сега протекуваат во јавноста дека се од СДСМ, Заев одговори:

    „Не го разбирам во целост албанскиот јазик и не сум запазил сѐ во целост. Јас селектирав, но не преслушав сè. Ова што се објавува сега, чекам медиумите првин да преведат, па да разберам за што се збори. Не можам да ги препознаам дали се ова бомбите што јас сум ги слушал додека беа во посед на СДСМ“.

    Обвинетите Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски и останатите од УБК, изјавија дека немаат прашања за сведокот.

    Со тоа сведочењето на Заев заврши, судењето продолжува на 22 ноември.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира