ГРУЕВСКИ СИ КУПУВАЛ ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО ЗА СЕБЕ СО ПАРИ ОД ДОНАЦИИ ЗА ПАРТИЈАТА, А НЕГОВИТЕ СМЕТКИ ГИ ИСПРАЗНИЛ, ВЕЛАТ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    ГРУЕВСКИ СИ КУПУВАЛ ПЛАЦЕВИ НА ВОДНО ЗА СЕБЕ СО ПАРИ ОД ДОНАЦИИ ЗА ПАРТИЈАТА, А НЕГОВИТЕ СМЕТКИ ГИ ИСПРАЗНИЛ, ВЕЛАТ ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТОПоранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски си присвоил за себе 1,3 милиони евра од донациите за партијата, вели Обвинителството за организиран криминал. - Груевски пред Кривичниот суд (Фото: СДК.МК)

    Избеганиот премиер Никола Груевски незаконски си присвоил најмалку 1,3 милиони евра од донациите за ВМРО-ДПМНЕ додека бил претседател на партијата и потоа со тие пари си купувал плацеви на Водно, велат од Обвинителството за организиран криминал за истрагата за Перење пари во која утринава беше уапсен неговиот кум Ристо Новачевски. Според истрагата, на првоосомничениот Груевски во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале Сашо Мијалков и Орце Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен.

    Шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска кажа дека не е побарано замрзнување на сметките на Груевски, бидејќи ги испразнил пред да избега во Унгарија. Таа рече и дека повторно ќе иницира екстрадиција на Груевски, откако унгарските власти не го испорачаа за организацијата на 27 април 2017 година.

    На прашање што ќе им порача на унгарските колеги, кажа: „Не знам и неговото испорачување од Унгарија дали зависи од колегите”.

    Според истрагата, првоосомничениот Груевски во периодот од 2006 до 2012 година дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата и на тој начин присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Потоа, во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, тие пари тој ги пуштил во оптек купувајќи градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Управител на фирмата-ќерка бил Новачевски.

    Парите од донациите, прибавени со кривично дело Затајување, биле префрлани на сметката на фирмата-ќерка и потоа Новачевски со тие пари им плаќал на сопствениците на земјиштето за да се скрие изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000 метри квадратни, покажа истрагата.

    „Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првоосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот ‘новите сопственици’ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6.785м2 на три нови парцели.За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена“, се вели во соопштението на Обвинителството за организиран криминал.

    Неофицијално, наредбата за истрага ја потпишала обвинителката од „Империја” Лиле Стефанова, која веќе го имала случајот со купувањeто на плацевите на Водно. Целата шема на кривичното дело перење пари таа ја слушнала во бомбите, а сега преку Обвинителството за организиран криминал ги нашла само материјалните докази, бидејќи прислушуваните разговори веќе не се доказ во постапките.

    Третоосомничениот Новачевски е изведен пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје, а Обвинителството му предложи на судот на осомничениот да му биде определена мерката притвор. Судот го прифати предлогот и му одреди 30 дена притвор на Новачевски. За останатите четворица осомничени, Ненад Јосифовиќ, Сашо Мијалков, Орце Камчев и мајка му Ратка Камчева, судот веќе има изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети, а првоосомничениот Груевски е недостапен на органите на прогон, откако доби азил во Унгарија.

    Прислушувани разговори меѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески и меѓу Дејан Митревски-Урко и Сашо Мијалков за плацевите на Водно објави премиерот Зоран Заев, тогашен лидер на опозицијата, во две бомби во март 2015 година.

    Извадок од разговор меѓу Урко и Мијалков:

    СМ: Друго шо има ново?
    ДМУ: Нема ништо. Еве тука сме, уште од сабајле по дождот, со комбињата шетаме по Скопје со човекот, и уште едно десет луѓе, вака, функционериве овие.
    СМ: Кај шетате бе?
    ДМУ: Па, по населби.
    СМ: За што?
    ДМУ: Разгледуваат.
    СМ: Разгледуваат, што?
    ДМУ: Па разгледуваат ова…згради-мади, такви места, такви работи.
    СМ: Аха. Ммм, добро, океј. Ајде.

    Извадок од разговор меѓу Груевски и Јанакиески:

    НГ: Добро, ти оцени како мислиш, само да не ти искочи по весници нешто. Мада, немаше нешто спектакуларно за по весници. У секој случај превземи го, секоја втора недела терај го.
    МЈ: Добро.
    НГ: Значи ти си одговорен за спроведување на договореното од комбето.
    МЈ: Во ред.
    НГ: И над таа старата, да видиш што не е од тоа завршено, и тоа.
    МЈ: Реализирано…важи.
    НГ:…што не е реализирано и тоа. Втората работа.
    МЈ: А…да Ви дадам Вас информации? Или од време на време?
    НГ: Да ми даваш еднаш месечно.
    МЈ: Добро.
    НГ: Рачунам за три-четири месеци дека ќе има сериозен напредок.
    МЈ: Така, океј.
    НГ: Мада па сега има избори, ама нема везе, шибај колку можеш, па ќе видиме.
    Втора работа. Ова ГУП-от помина, знаеш за што те прашувам, за…
    МЈ: Да, да, знам.
    НГ: Е. Е сега треба ДУП. Ааа…Александар го имал подготвено ДУП-от
    МЈ: Знам.
    НГ: Ама нешто коментирал ли, он ли, друг ли, не знам. Дека додека не се заврши картирањето, не може да го пушти. Јас зборев со Коце. Коце вика нема врска, може да се пушти. И Гордана беше, и Коце беше, може да се пушти веднаш. Иако, не е картирањето завршено. Оти картирањето ќе ги фати до Нова Година. Па сакав да те замолам, да ја превземеш ти работава, и да ја буткаш. Со Александар контактира Алек, да знаеш, за тоа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА
    .

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира