Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски тврди дека избеганиот во Унгарија експремиер Никола Груевски кој пред него ја водеше оваа партија, е во договор со Владата за да ја подели најголемата опозициска партија. Во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), Мицкоски вели:
„Груевски се наоѓа во тајна комуникација со владата. Владата верува дека може да ја подели нашата партија. Но, тоа нема да успее. Направивме сѐ за нашата европска перспектива. Но, нам ни се поставуваат постојано нови барања. На тоа сега е крај, доколку не биде прифатен нашиот предлог за одложена примена на уставните измени, тогаш нема да има никакви промени на Уставот“, вели Мицкоски во разговорот што го пренесе Дојче веле.
Мицкоски тврди дека за да издејствува уставни измени, Владата подготвува валкани дилови и планира да му вети кривична неказнивост на Груевски за тој да се врати и да помогне со помош на неговите поддржувачи за во Парламентот да поминат уставните измени, со кои треба да се внесат Бугарите во Преамбулата.
Со измените на Кривичниот законик што Парламентот ги усвои на 6 септември по кратка постапка и со европско знаменце, се намалуваат казните за Злоупотреба на службената положба и овластувањата и за кривичното дело злосторничко здружување, за кои се обвинети или осудени ексфункционерите од ВМРО-ДПМНЕ, а Груевски се ослободува веднаш од пресудата од 9 години затвор во предметот „ТНТ“, како и од обвинението за криминал со кинеските автопати, познато како „Траекторија”. Со измените се намалени казните и роковите за застарување на кривични дела за Груевски и други функционери.