Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски порано ја напушти денешната лидерска средба во Клубот на пратеници на која се договараат деталите за изборите кои би требало да се одржат во декември. То рече дека за неговата партија се прифатливи сите услови што ќе ги предложи СДСМ само за да не им дадат можност повторно да ги одложуваат изборите.
„Ни се потврди по кој знае кој пат дека СДСМ не сака вистинско решение во МРТВ, туку сакаат партиски уредник. СДСМ побара Санта Аргирова да биде главен уредник на јавниот сервис, која има јасно изразено политичко мислење, но ние прифативме за да нема уште една можност за одложување на изборите. Ги прифативме и промените кои ги предлагаат во методологијата за следеење на медиумите пред избори и ги оставивме СДСМ и албанските партии да се договорат за петтиот член во ад хок телото за надзор на медиумите во предизборниот период. Ние се залагаме да има избори на 11 декември и затоа одлучивме да прифатиме сè што ќе побараат, за да не мoже да дојде до уште едно одложување“, изјави Груевски.
Од преговарачкиот тим на ДПА брифираа дека ги оставиле ДУИ и СДСМ сами да одлучат кој ќе биде петтиот член во ад хок телото. Доколку тоа биде разрешено може да се очекува вечерва да се соопшти датум кога би се одржале вонредните парламентарни избори.