ГРУЈЕВСКИ ЛИЧНО МИ СЕ ЈАВИ ДЕКА ЌЕ ДОЈДЕ КОМИСИЈА ДА ПАЛИ ДОКУМЕНТИ, КАЖА СВЕДОК НА СУДЕЊЕТО ЗА УНИШТУВАЊЕ НА ДОКАЗИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТО

    ГРУЈЕВСКИ ЛИЧНО МИ СЕ ЈАВИ ДЕКА ЌЕ ДОЈДЕ КОМИСИЈА ДА ПАЛИ ДОКУМЕНТИ, КАЖА СВЕДОК НА СУДЕЊЕТО ЗА УНИШТУВАЊЕ НА ДОКАЗИ ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕТООбвинетиот Горан Грујевски е избеган откако Апелациониот суд Скопје му одреди притвор за други, потешки кривични дела. - Грујевски (лево) пред Основниот суд Скопје 1 (архивска фотографија)

    Сведок на Специјалното јавно обвинителство, вработен во МВР, кажа дека обвинетиот Горан Грујевски лично му се јавил дека ќе дојде комисија да пали документи на денешното рочиште од судењето за палење 20 илјади списи – докази за масовното прислушување во Основниот суд Скопје 1. На ексначалникот на Петтата управа во МВР Грујевски му се суди во отсуство во случајот познат во јавноста како „Тврдина 2“, откако тој и Никола Бошкоски, вработен во УБК, избегаа за да не одат во притвор за случаите „Тврдина“ и „Таргет“.

    Сведокот, кој работи во базата на МВР „Брест“, каде што обично се палат стари документи, патни налози и слично, рече дека бил присутен на палењето во 2015 година, но дека знаел за какви документи станува збор.
    „Ми се јави лично началникот на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и ми кажа дека ќе дојде комисија да ништи документи. Не знаев дека постои таква комисија за ништење, но денот кога дојдоа бев на работното место. Јас сум старешина и морам да обезбедам влез и излез на сите што ќе дојдат. Дојдоа со комбе од комисијата. Подготвив еден канистер со вода и еден противпожатен апарат, по што почнаа да ги вадат вреќите од комбе. Со Никола Бошкоски разговарав во моите простории додека траеше палењето. Потоа си заминаа“, кажа сведокот,
    Тој не можеше да се сети кога се случило точно палењето, само дека било 2015 година и било топло. За годината кажа дека знае бидејќи ќерка му правела свадба таа година.

    На почетокот на рочиштето, судијката Лидија Петровска ја исклучи јавноста од читањето на обвинението поради, како што кажа, безбедноста на обвинетите кои работат на специфични работни позиции во МВР.
    Овој судски процес се одолговлечи повеќе од една година и главната расправа почна дури денеска. А се води како брза и економична постапка, бидејќи се работи за обвинителен предлог, за дело за кое е пропишана казна затвор до 5 години.

    Обвинетиот Горан Грујевски е избеган откако Апелациониот суд Скопје му одреди притвор за други, потешки кривични дела. Јавноста дозна дека е избеган на 26 јули годинава, кога МВР отиде да го спроведе во затворот Шутка.
    Таа вечер, полицијата не го најде дома ни Никола Бошкоски, раководно лице од УБК, кој заедно со првообвинетиот Грујевски доби мерка притвор од Апелациониот суд Скопје, како главни обвинети за нелегалното прислушување , во предметите на СЈО „Тврдина“ и „Таргет“.
    Од 30 јули годинава, Грујевски и Бошкоски се објавени на веб сајтот на МВР, во делот „Потраги“, а за нив е распишана меѓународна потерница.

    Судењето е во тек.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира