ГРУЈОВСКИ И БОШКОВСКИ ОДАТ ВО ПРИТВОР, ЈАКИМОВСКИ ОСТАНА БЕЗ ПАТНИТЕ ИСПРАВИ, ПОТВРДИ ВРХОВНИОТ СУД

    ГРУЈОВСКИ И БОШКОВСКИ ОДАТ ВО ПРИТВОР, ЈАКИМОВСКИ ОСТАНА БЕЗ ПАТНИТЕ ИСПРАВИ, ПОТВРДИ ВРХОВНИОТ СУДПретседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски претседава и со петчлениот совет кој што решаваше по жалбите на обвинетите од СЈО. (Фото: СДК.МК)

    Петчлениот совет на Врховниот суд на Република Македонија донесе решенија со кои се одбиени жалбите на бранителите на Горан Грујовски и Никола Бошковски и ги потврди решенијата на Апелациониот суд Скопје за определување на мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти пред малку Врховниот суд.

    Постапувајќи по жалбата на одбраната на Тони Јакимовски, Врховниот суд ја уважи жалбата, го преиначи решението на Апелациониот суд Скопје со кое беше определена мерка притвор и го потврди решението на кривичниот совет на Основниот суд Скопје I за определување на мерка на претпазливост повремено јавување во просториите на Основниот суд Скопје I и определи и мерка на претпазливост привремено одземање на патните исправи и забрана за издавање на други пасоши, вели највисокиот суд во соопштението.

    Сите тројца се обвинети од СЈО за нелегално прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на системите со кои се прислушувало, за да нема докази за масовното кршење на човековите слободи и права. Тоа се предметите на Специјалното обвинителство „Тврдина“ и „Таргет“, кои сега се споени во еден предмет.

    Грујовски е главниот обвинет во „Тврдина“ и „Таргет“. Бошковски, пак, според обвинението, е извршителот на наредбите на тогашниот началник Грујовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира