Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан ќе дојде во Скопје следниот понеделник и ќе учествува на отворена владина седница, а веќе следниот ден во Македонија ќе допатува германскиот експерт Рајнхард Прибе, потврди вицепремиерот Бујар Османи.
„Посетата на еврокомесарот Јоханес Хан и неговото учество на отворена владината седница е најверојатно преседан за Македонија, со што се создава нова клима. На Хан ќе му предложиме нацрт-план со мерките, активностите и со временските рамки за реформските приоритети“, изјави Османи на денешната прес-конференција во Владата.
Прибе, кој ја предводеше експертската група во 2015 година и ги предложи Итните реформски приоритети за новата влада, следната недела во вторник доаѓа на конференција на МАНУ, а повторно ќе се врати во Македонија следниот месец.
„Станува збор за одлична одлука на Хан да го вклучи и Прибе. Неговото име стана синоним за реформите, па и малите деца да ги прашате, го знаат неговото име. Тој може подобро да зборува за тоа што треба да се преземе, така што неговиот придонес за Македонија е од голема важности и ќе ни даде и нови насоки. Ова зборува дека работите се придвижуваат“, додаде Османи.