ХОЛОКАУСТОТ НЕ Е ТРАГЕДИЈА САМО НА ЕВРЕИТЕ, ТОА Е ПРОПАСТ НА ХУМАНОСТА, РЕЧЕ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ЕВРЕЈСКАТА ЗАЕДНИЦА ЗА 27 ЈАНУАРИ, ДЕН ВО СПОМЕН НА ЖРТВИТЕ

    ХОЛОКАУСТОТ НЕ Е ТРАГЕДИЈА САМО НА ЕВРЕИТЕ, ТОА Е ПРОПАСТ НА ХУМАНОСТА, РЕЧЕ ПОТПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА ЕВРЕЈСКАТА ЗАЕДНИЦА ЗА 27 ЈАНУАРИ, ДЕН ВО СПОМЕН НА ЖРТВИТЕОд денешниот традиционален настан во МНР за одбележување на 27 јануари – Меѓународниот ден во спомен на жртвите на Холокаустот. (Фото: К. Попов)

    Да не ги забораваме злосторствата од Холокаустот за да не се повторат никогаш повеќе. Сега е моментот да превенираме. 27 Јануари е датум кој треба да го паметиме исто како што треба да ја одржиме меморијата за страдањата на еврејскиот народ поврзани за Холокаустот и темната страна на поновата историја, се дел од заклучоците на денешниот традиционален настан што се одржа во Министерството за надворешни работи (МНР) за одбележување на 27 Јануари, Меѓународниот ден во спомен на жртвите на Холокаустот.

    Потпретседателката на Еврејската заедница во Северна Македонија, Радојка Хелман Денковска, кажа дека ова е ден на болно сеќавање на жртвите од Холокаустот.

    „Ова е ден кога нема да останеме неми иако е тешко да зборувам, но верувајте уште потешко е да се молчи. Денес е тажен ден, ден кога се сеќаваме на шесте милиони Евреи жртви настрадани во Холокаустот а меѓу нив се и нашите, македонските Евреи – 7.144 Евреи. Злото не познава историска димензија, меридијани и континенти. Холокаустот не е трагедија само на еврејскиот народ. Тоа е пропаст на хуманоста. Тоа не е само лекција од минатото, тоа е лекција која не учи како да ја сочуваме човечноста во секој еден од нас. За жал, ние денес ја плаќаме цената на ненаучќената лекција од Втората светска војна“, рече Хелман-Денковска.

    Државниот секретар во МНР Филип Тосевски кажа дека во нашите демократии се негува слободата на изразување, која за жал, понекогаш се злоупотребува и погрешно се подразбира при што и ден денеска некои умеат да прават грешки преку искривоколчување на историските факти поврзани со Втората светска војна од минатиот век или пак, вели, уште полошо со негирање на Холокаустот.

    „Таквите ставови на некои индивидуи низ светот, во Северна Македонија не можат да најдат корен. Ако се прашаме на што се заснова ова тврдење, одговорот е јасен. На овие простори 98 отсто од еврејската популација го доживеала најстрашното во 1943 година за време на фашистичката окупација. Од Монопол, денешниот тутунски комбинат во Скопје, 7.144 Евреи, деца, жени, мажи биле депортирани во окупирана Полска во логорот на смртта Треблинка“, кажа Тосевски.

    Депортацијата на Евреите од Македонија се случи за време на окупацијата од бугарскиот фашистички окупатор.

    Тосевски рече дека преостанатата преживеана еврејска популација од два проценти заедно со своите наследници, денеска брои околу 200 лица, кои, како што кажа, најдобро можат да сведочат за страдањата на своите предци и болните траги во нивните срца кои ги остави Холокаустот и финалното решение поддржано од Хитлер. Тој потсети дека лани се одбележаа 80 години од депортацијата на македонските Евреи и тоа во трите града од каде биле лишени од слобода, Битола, Штип, Скопје.

    Амбасадорката на Израел во Македонија, Симона Франкел, истакна дека седумдесет и осум години нѐ делат од сабота на 27 јануари 1945, кога беше ослооден логорот Аушвиц,  и сабота 7 октомври 2023, кога Хамас од Газа го нападна Израел .

    „Овие важни датуми ја заслужуваат нашата целосна почит и убедена сум дека тоа ќе продолжи да биде случај и во иднина. Како и да е, тоа што сме овде и што зборувам со вас додека се уште беснее војната во Газа и додека се уште има 136 заложници коишто се држат, кои се мачени и сексуално злоупотребувани од страна на Хамас не можам да зборувам за ослободувањето на Аушвиц без да повикам на итно ослободување на нашите заложници во кои се вклучени и бебиња, постари луѓе од 80 години, млади жени и мажи“,  рече Франкел.

    Во сабота на 7 октомври кој беше еврејски верски празник, додаде таа, илјадници Евреи како во земјата така и насекаде низ светот претрпеа напад на 27 еврејски заедници и на музички фестивал кој повикуваше на мир.

    „Илјадници ракети беа лансирани кон Израел и резултираа со масакрирање, осакатување, силување на многу граѓани до кои можеа да стасаат терористите пред одбранбените сили на Израел да ги одбијат. Измачувани се родители пред своите деца, измачувани се деца пред своите родители. Имаме систематско силување и осакатување на мажи, жени и деца“, рече Франкел.

    Кажа дека Холокаустот е најлошиот период од еврејската историја и за човечкиот род во модерното време и оти се посветени на зачувување на паметењето на оние кои ја преживеаја холокаустот за нивното искуства да не бидат заборавени од нашите генерации, од нашите деца или од нашите внуци.

    Амбасадорката на Хрватска во својство на претседавач со Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот  ИХРА, Нивес Тигањ, кажа дека Холокаустот, како незамислива трагедија, е предупредување и обврска за сите нас да ги зајакнеме нашите општества кои силно се спротивставуваат на секоја форма на дискриминација и нетолеранција.

    „Едукацијата на нашите млади мора да игра клучна улога во ова затоа што само знаењето и свеста за историските ужаси, особено Холокустот, можат да ги научат идните генерации на заемно разбирање и почитување на диверзитетот и инклузијата. Наша заедничка должност и ибврска е да го зачуваме сеќавањето на жрвите од систематскиот прогон, геноцидот и екстремното страдање на Евреите, без да го заборавиме прогонот и на Ромите и на другите жртви на нацистичкиот режим“, рече Тигањ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира