ХРВАТСКА НЕКОРЕКТНО МОЛЧИ ЗА ИЗЖИВУВАЊЕТО НА БУГАРИЈА ВРЗ МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ БИВШИОТ ХРВАТСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ ИВО ЈОСИПОВИЌ

    ХРВАТСКА НЕКОРЕКТНО МОЛЧИ ЗА ИЗЖИВУВАЊЕТО НА БУГАРИЈА ВРЗ МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ БИВШИОТ ХРВАТСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ ИВО ЈОСИПОВИЌЈасна поддршка на Северна Македонија би била морално и политички исправна и корисна за нашите пријатели Македонци - Иво Јосиповиќ (архивска фотографија)

    Жално е што Хрватска, за разлика од некои други членки на Европската Унија, не реагираше на изживувањето на Бугарија, која не само што стави вето на почетокот на пристапните преговори на Македонија, туку и со уцени сака да негира постоење на еден, веќе етаблиран народ, вели поранешниот хрватски претседател Иво Јосиповиќ во својот текст за хрватскиот сајт „Автограф“.

    Тој вели дека Хрватска можеби не е физички сосед на Македонија, но двете земји имаат заедничка историја и сегашност и никогаш немале некој позначаен меѓусебен спор.

    „По Грција, Северна Македонија сега има проблем со Бугарија, а ‘соседот на далечина‘ Хрватска засега некоректно молчи. И самата Хрватска трпеше некоректен однос и уцени од соседот Словенија поради билатерални прашања, па затоа би требала да биде принципиелна и да стори сѐ што може за да може Северна Македонија да има правичен пат кон ЕУ. Хрватска можеби не е земја која е клучна во донесувањето одлуки, но јасна поддршка на Северна Македонија би била морално и политички исправна и корисна за нашите пријатели Македонци“, вели Јосиповиќ.

    Според него, условите што Бугарија ѝ ги поставува на Македонија се скандалозни и уценувачки.

    „Директно или индиректно, Македонците би требало да признаат дека се Бугари и дека Македонија во СФРЈ била измислица на комунистите и диктаторот Тито. И дека не е вистина оти бугарската војска во Втората светска војна војувала на страната на силите на Оската. Македонците имаат зошто да ги ценат Тито и СФРЈ, не зашто тие ги измислиле, туку зашто го прифатиле и признале нивниот национален идентитет и државност“, смета Јосиповиќ, кој беше претседател на Хрватска од 2010 до 2015 година.

    Словачка и Чешка директно ѝ се спротивставија на Бугарија, па ги блокираа заклучоците на ЕУ за проширувањето, откако на нејзино барање во завршниот текст беше ставена фразата „погрешно толкување на историјата“.

    „Нема да дозволиме Европската Унија да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“, кажаа чешкиот и словачкиот министер за надворешни работи, Томаш Петричек и Иван Корчок.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира