И БЕЗ КРИЗНА СОСТОЈБА ВО 2016 ГОДИНА ДВАПАТИ ГИ ОДЛОЖУВАВМЕ ИЗБОРИТЕ, НЕМА ПРАВНА ПРЕЧКА И СЕГА ДА СЕ ПРЕЗАКАЖАТ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИ

    И БЕЗ КРИЗНА СОСТОЈБА ВО 2016 ГОДИНА ДВАПАТИ ГИ ОДЛОЖУВАВМЕ ИЗБОРИТЕ, НЕМА ПРАВНА ПРЕЧКА И СЕГА ДА СЕ ПРЕЗАКАЖАТ, КАЖА ПЕНДАРОВСКИЗа утрешната лидерска средба во неговиот кабинет, претседателот Стево Пендаровски рече дека се надева оти лидерите ќе ги одложат изборите, бидејќи во оваа ситуација е невозможно да има кредибилни избори. - Од денешниот состанок на Советот за национална безбедност (Фото: Кабинет на Претседателот)

    Непрогласувањето вонредна или кризна состојба на територијата на целата земја нема никаква врска со одржувањето избори, кажа претседателот Стево Пендаровски по денешниот состанок на Советот за национална безбедност за состојбата со коронавирусот. Еден од заклучоците на Советот беше дека нема потреба од прогласување на вонредна состојба, по што Пендаровски беше прашан дали тоа има врска со одржувањето на парламентарните избори на 12 април. Негов став е дека изборите треба да бидат одложени поради епидемијата на КОВИД-19.

    „Прогласување на вонредна или кризна состојба на цела територија нема никаква корелација со одржување на избори во правна смисла. Без да биде прогласена кризна состојба во која било општина, не па на цела територија, ние во 2016 година двапати ги одложувавме изборите. Собранието се враќаше и ја поништуваше сопствената одлука и закажуваше нов датум за избори, Таков правен преседан имаме. Не гледам проблем да се одложат изборите. Мониторинг мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ја откажа мисијата и за два до три дена и физички се повлекува од државата“, кажа Пендаровски.

    Потоа беше прашан и за изјавата на претседателот на Собранието Талат Џафери дека законска можност Собранието, кое се распушти на 16 февруари, повторно да се состане за да закаже нов датум за избори.

    „Во тој поглед не се согласувам со Талат Џафери. Собранието, вели нашиот Устав, е во постојано заседание. Не дај боже војна, немаме Собрание? На Советот за безбедност доаѓа и претседателот на Собранието, тој беше тука. Ако немаме Собрание, како имаме претседател на Собрание. Тврдам дека и политички и правно е возможно ако затреба и ако се согласат политичките партии и пратениците во законски потребни мнозинства да ја поништат својата претходна одлука“, рече Пендаровски.

    За утрешната лидерска средба во неговиот кабинет, тој рече дека се надева оти лидерите ќе ги одложат изборите, бидејќи во оваа ситуација е невозможно да има кредибилни избори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира