И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ФОРМИРА ДИСЦИПЛИНСКА КОМИСИЈА, ЌЕ ИСПИТУВА ЗОШТО РАКОВОДИТЕЛКА ПРИЈАВИЛА НОВИНАРКА ВО ПОЛИЦИЈА ЗА ОБЈАВЕН ТЕКСТ

    И МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ФОРМИРА ДИСЦИПЛИНСКА КОМИСИЈА, ЌЕ ИСПИТУВА ЗОШТО РАКОВОДИТЕЛКА ПРИЈАВИЛА НОВИНАРКА ВО ПОЛИЦИЈА ЗА ОБЈАВЕН ТЕКСТМинистерството за правда ќе направи сè за да ја заштити слободата на изразување и говор, се вели во соопштението (Фото: СДК.МК)

    Министерството за правда формира дисциплинска комисија која ќе го испита целиот случај во врска со повикувањето на новинарката Соња Колевска-Делевска во полициска станица за објавен текст.

    „Министерството за правда ќе ја преиспита постапката на раководителката и ќе преземе сè што е во рамките на надлежностите и ингеренциите, а во најкус можен рок и ќе се произјасни. Министерството за правда ќе направи сè за да ја заштити слободата на изразување и говор, која е неприкосновено право во секое демократско општество”, се вели во денешното соопштение.

    По текстот објавен на 27-ми минатиот месец во кое адвокатка обвини дека раководителка во Министерството ѝ побарала приватна услуга се огласи Министерството за правда, кое ги упати засегнатите страни да се обратат до надлежните органи.

    „Во однос на наводите на адвокатка дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, ве информираме дека за тоа прашање постојат надлежни институции, каде што засегнатите страни можат да се обратат“, кажаа тогаш од кабинетот на министерот Никола Тупанчески.

    По покана доставена во саботата од вооружени полицајци на домашна адреса, новинарката Соња Колевска-Делевска од САКАМДАКАЖАМ.МК вчера беше во полициската станица Беко во Скопје на службен разговор во врска со поплака за објавен текст. Пријавата ја поднесе државна службеничка, раководителка на едно од местата во Министерството за правда, која, како што кажала, почувствувала вознемиреност по нејзините здравје и углед по текстот „Адвокатка тврди дека ѝ бил побаран поткуп од раководителка во Министерството за правда, а откако одбила, била уценувана да се откаже од парите што ѝ следуваат“, објавен во САКАМДАКАЖАМ.МК на 27 април 2022.

    Одделот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе испита зошто Соња Колевска-Делевска беше повикана на службен разговор во полициска станица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира