„И јас сум човек, мајка и жена. Мое лично право на избор е што ќе работам и не треба никому да му пречи. Ние, сексуалните работници, ќе продолжиме да да се бориме сѐ додека не добиеме еднаков третман во општеството и се надеваме на поддршка од институциите“, рече денеска претставничка на Граѓанската иницијатива за заштита, промоција и унапредување на правата на сексуалните работници „Стар-Стар“, која се претстави под името Моника.
Додека говореше, таа ја симна маската и потоа го предводеше Маршот на црвените чадори, кој денес се одржа по 12. пат на Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници. Маршот како и секоја година почна од улица Македонија кај Спомен-куќата на Мајка Тереза преку до Камениот мост сѐдо Плоштадот Филип Втори, каде скандираа: „Сексуалната работа е работа“ и „Сакаме права“.
„Оваа година, кампањата по повод одбележувањето на 17 декември ја посветуваме на борбата против родово-базираното насилство. Искуствата и статистиките во светот и кај нас покажуваат дека жените и трансродовите сексуални работници се најмногу изложени на насилство во секоја форма. Голем е бројот на сексуални работници кои секојдневно трпат физичко и психичко насилство, но малкумина од нив се охрабрени истото да го пријават во полиција. Насилството, нападите, злоупотребувањата и нееднаквиот третман врз сексуалните работници мора да се елиминираат, а тоа ќе го постигнеме само ако сексуалните работници се третираат еднакво пред законите и се почитуваат нашите човекови права и слободниот избор“, велат од Граѓанската инцијатива.
„Стар-Стар“ е невладина организација, која од 2012 активно работи на имплементација на програмата за ХИВ превенција помеѓу сексуалните работници, со поддршка на Министерството за здравство.
Б. НЕСТОРОСКА