И НИНЏА БЕШЕ СО ПРИКРИЕН ИДЕНТИТЕТ ВО УБК, ПА ЈА НАПАДНА ДРЖАВАТА, ГО ПРЕДУПРЕДИ РЕМЕНСКИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ, КОЈ НЕ Ѝ ГИ ПРИФАТИ АМАНДМАНИТЕ

    И НИНЏА БЕШЕ СО ПРИКРИЕН ИДЕНТИТЕТ ВО УБК, ПА ЈА НАПАДНА ДРЖАВАТА, ГО ПРЕДУПРЕДИ РЕМЕНСКИ МИНИСТЕРОТ СПАСОВСКИ, КОЈ НЕ Ѝ ГИ ПРИФАТИ АМАНДМАНИТЕМинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги одби сите амандмани на Ременски и пратениците од групата што ги подготвила. - Од денешната седница на Комисијата за одбрана и безбедност (Фото: СДК.МК)

    Потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска-Ременски од СДСМ, независниот пратеник Павле Богоевски, од НСДП Горан Мисовски, Мухамед Зеќири од СДСМ и други, не успеаја да го убедат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека само судот може да одобри спроведување мерка користење на лица со прикриен идентитет при сузбивање на криминал против државата. Сите нивни амандмани на денешната седница на Комисијата за одбрана и безбедност на оваа тема во Предлог-законот за Агенцијата за национална безбедност, Спасовски им ги одби.

    Ременски го потсети Спасовски дека во Законот за кривична постапка постојат права и обврски на лицата со прикриен идентитет. Таа му кажа дека хипотетички, тоа лице со прикриен идентитет може да си го загрози животот, може хипотетички тој со прикриен идентитет да поттикне сторување кривично дело или да биде сторител на кривично дело.

    „Затоа оваа мерка треба да се користи само по судска наредба. Оставањето можност директорот на ОТА да одобри ваква мерка за собирање податоци, може да поттикне злоупотреба“, упорно укажуваше Ременски.

    Потоа направи споредба:

    „Нинџа рече дека бил ангажиран на специјални задачи од УБК. Меѓутоа, беше обвинет и првостепено осуден за сериозно кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

    Спасовски кажа дека нема да го прифати амандманот (како и останатите 90 и повеќе отсто нивни амандмани) и рече:

    „Со ова овластување на директорот се остава поголема ефикасност на Агенцијата за национална безбедност. Второ, Агенцијата не работи по Законот за кривична постапка. Таа првин открива индиции, потоа преземаат Бирото за јавна безбедност и Јавното обвинителство кое наредува посебни истражни мерки, ако е потребно“, пресече тој.

    Според него, директорот на Агенцијата нема да може да злоупотребува зашто прибирањето информации со лица со прикриен идентитет е уредено со подзаконски акти.

    „Преголемо е дискреционото право на директорот на Агенцијата да одредува кој и во кој случај на откривање криминал што ја загрозува безбедноста на државата или на високите државници, ќе собира податоци за Агенцијата под прикриен идентитет. Видовме, чувме од Нинџа, икс, ипсилон лица носеле оружје, примале наредби, извршувале дејства. Остана неодговорено кој им давал наредба, за кого извршувала наредби таа параполициска структура во УБК и што сè правела и какви задачи извршувала, покрај задачите што го кажа на судењето Александар Василевски-Нинџа“, беше упорна Ременски.

    Спасовски не попушти. До втората пауза, тој ги одби сите амандмани на Ременски и пратениците од групата што ги подготвила, а се однесуваа на суштински работи во законот. Спасовски ги прифати сите амандмани на Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ и на претседателот на Комисијата Хари Локвенец од СДСМ.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира