Добрила Кацарска, судија за организиран криминал во Основниот суд Скопје 1 за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека судиите и обвинителите, носители на третата власт, сега треба да ја покажат својата солидарност со народот, среде тешката економска состојба поради пандемијата на коронавирус, а не да ја тужат државата за скратените плати.
„Ние судиите пресудите ги носиме во име на граѓаните и сега е моментот да им излеземе во пресрет. Може со нашите пари ќе се купи некој лек или помагало за болните, ќе се купи опрема за да им се даде на тие што се во првите борбени линии против коронавирусот, на лекарите. Може со нашите пари ќе се спаси нечиј живот, а животот на луѓето е поважен од нашите два месеца минималец”, вели Кацарска за писмото на Здружението на судии до Владата и за најавената тужба до Уставниот суд, зашто Владата со уредба платите на сите судии од околу 1.000 евра за април и мај ги сведе на минималецот од 14.500 денари.
- НЕМА СУДЕЊА, ОБВИНИТЕЛИТЕ РАБОТАТ ОД ДОМА, ЧЕСНО Е ДА ПОКАЖЕМЕ СОЛИДАРНОСТ, ВЕЛИ ЈОВЕСКИ ЗА БУНТОТ ПРОТИВ СКРАТЕНИТЕ ПЛАТИ ВО ПРАВОСУДСТВОТО
- СУДИИТЕ НЕ СЕ ОТКАЖУВААТ ОД ЦЕЛА ПЛАТА, УТРЕ ПОДНЕСУВААТ ТУЖБА ДО УСТАВНИОТ СУД
Подружниците на Здружението на судии изгласаа дека на Владата треба да ѝ се укаже оти грубо ја нарушила независноста на судската власт, противзаконски упаѓајќи во независниот судски буџет, со кратење на средства за плати во буџетот. Со писмото и иницијативата за оценка на уставноста и законитоста на владината уредба која треба да се поднесе утре до Уставниот суд, Здружението укажува и на кршење на две битни одредби и начела од Уставот, со кои е загарантирана независноста на судската власт.
Кацарска, која не е член на Здружението на судии, вели дека е убедена оти и други судии не се согласуваат со писмото и најавената иницијатива и смета дека Здружението на судии треба да потенцира дека не стојат сите судии зад тие два документа.
„И онака угледот на судството е на најниско ниво, а ние со ваква манифестација на несолидарност, уште повеќе си го нарушуваме. Се работи само за 2 месеца и мислам дека колегите не требаше ни да спомнуваат, а камо ли да реагираат на ваков начин”, смета Кацарска, која е судија 34 години.
С. К. ДЕЛЕВСКА