И ПРАТЕНИКОТ КРСТО МУКОСКИ ПУШТЕН ОД КУЌЕН ПРИТВОР И СЕ ВРАЌА ВО СОБРАНИЕТО

    И ПРАТЕНИКОТ КРСТО МУКОСКИ ПУШТЕН ОД КУЌЕН ПРИТВОР И СЕ ВРАЌА ВО СОБРАНИЕТОOд денеска, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски може да оди на работа и да присуствува и гласа на собраниските седниции; - Мукоски на едно од рочиштата за судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 (Фото: К. Попов)

    Апелациониот суд во Скопје го пушти да се брани од слобода и Крсто Мукоски, последниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ кој беше во куќен притвор за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017. Ова е конечна одлука, па од денеска Мукоски може да оди на работа и да присуствува и гласа на собраниските седници. На Мукоски му е одземен пасошот како мерка на претпазливост од бегство и ќе мора еднаш неделно да се јавува во Основниот суд во Струга, бидејќи е со живеалиште во Вевчани.

    На 16 октомври, Кривичниот суд и скопската апелација ги ослободија со парична гаранција од 300.000 и 400.000 евра и колегите пратеници на Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ, кои исто така беа меѓу 33-цата обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста за време на организираниот напад во Собранието. На видеоснимките кои се предложени како доказ во постапката, јавноста виде дека тие ги отвораат собраниските врати за да влезе толпата предводена од насилниците. Сведоци сведочеа дека ако не биле отворени одвнатре тешките собраниски врати на кои имало ставено заштитни железни греди, нема начин толпа да ги пробие и да влезе внатре.

    Крсто Мукоски, според соопштението на Основниот суд Скопје 1, е пуштен од куќен притвор без парична гаранција. Со тоа најверојатно тој ќе го повлече барањето поднесено во Основниот суд Скопје 1, каде пак бараат ослободување со парична гаранција.

    Постапката во Апелациониот суд Скопје 1 за Мукоски е по жалба од пред повеќе од еден месец, откако Кривичниот суд претходно не го пушти од куќен притвор.

    Пратениците Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски одамна веќе не се во притвор и одат на седници во Собранието кога нема рочиште за  нападот на 27 април.

    Од моментот кога му се прекинува на обвинет мерка ефективен притвор или куќен притвор, престанува да му се смета во евентуалната казна времето поминато во притвор.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира