И СИЛВАНА БОНЕВА ДОЈДЕ КАКО СВЕДОК ЗА ИЗБОРНИ ИЗМАМИ НА РАСПИТ КАЈ ЈАНЕВА

    И СИЛВАНА БОНЕВА ДОЈДЕ КАКО СВЕДОК ЗА ИЗБОРНИ ИЗМАМИ НА РАСПИТ КАЈ ЈАНЕВА

    И членот на Државната изборна комисија од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева утринава дојде на распит во СЈО.

    Неколку минути пред неа во СЈО се појави и лидерот на ДПА Мендух Тачи.

    Во СЈО не кажуваат во кое својство е викната поранешната пратеничка од Струмица.

    Се претпоставува дека е викната како сведок за изборни измами, затоа што и лидерот на ПЦЕР Самка Ибраимовски самиот објави дека и тој ќе оди во Специјалното обвинителство да сведочи за измами во ромските средини.

    Во СЈО одбиваат да одговорат и кои лица се викнати на разговор, иако потврдуваат дека имаат испратено покани преку МВР до повеќе сегашни и поранешни функционери, но нема да кажуваат детали заради тајноста на предистражната постапка.

    Во бомбите за изборните измами, меѓу другото, имаше разговор меѓу Силвана Бонева, која тогаш беше пратеничка и кандидат за градоначалник на Струмица и Никола Груевски во кој таа му укажува дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Славе Гошев ги рекетира фирмите во Струмица на средина на изборната кампања.

    „Рекетот не беше на почетокот на кампањата, туку негде до средина на кампањата течеше, и тоа ненормален рекет. Нема фирма што не е изрекетирана во Струмица. И многу лошо тоа се одрази на самата кампања. Славе Гошев. Фирма нема што не е изрекетирана во Струмица…“, вели Бонева, на што Груевски прашува: „Дали они барале спонзорство? Рекет е уцена, ако не ми дадеш, ќе те затворам. А, спонзорство е спонзорство. Му викаш ако можеш помогни ми“, а Бонева одговара: „Со сѐ. Со закани, со закани и со таксување на најневозможни нешта за зимање пари. Со сѐ и сешто“..

    Славе Гошев во Струмица се слуша и во разговор со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, каде што тој се фали дека не е како Силвана Бонева и добро ги менаџира изборите во Струмица во ромските средини, а Јанкулоска по затворањето на избирачките места го советува да не запишуваат записници и „некое ливче нека снема“.

    Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева минатиот понеделник соопшти дека во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во нејзиното Јавно Обвинителство, но таа нема да открива детали за предистражните постапки.

    „Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушкувани разговори.“, соопшти Јанева.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира