Под закана дека ќе добијат само 60 отсто од мајската плата, како казна зашто протестираат, претставници на УПОЗ и на вработените во судската администрација денеска треба да седнат на преговори со претседателот на Судскиот совет Зоран Караџоски околу барањата за 35 отсто повисока плата.
Покрај Врховниот суд, останатите судии во Македонија и Народниот правобранител Иџет Мемети, поддршка на протестите на вработените во судската администрација и стручните служби во судовите им дадоа и потписниците на Повелбата за солидарност: Синдикатот на македонската дипломатска служба, Самостојниот синдикат на новинари на Македонија, левичарското движење Солидарност, ЛЕНКА, Синдикатот на културата на РМ…
Во дописот до САКАМДАКАЖАМ.МК, овие синдикати и невладини организации наведуваат:
“Најостро ги осудуваме притисоците врз штрајкувачите, а пред сè изготвувањето списоци на вработени кои штрајкуваат со намера да се заплашат вработените, да се разбие единството штрајкувачите, а со конечна цел штрајкот да запре. Со штрајкот, кој трае веќе 11 дена, вработените го искажуваат своето незадоволство од игнорантскиот однос на Министерството за правда и Судскиот буџетски совет кон барањата содржани во предлог-спогодбата што им беше доставена од страна на УПОЗ. Во предлог-спогодбата меѓу другото е содржано и барањето на штрајкувачите за добивање додатоци на плата од 35%, како што тоа го добиле судиите, јавните обвинители и јавнообвинителските службеници, со што би се отстранила евидентната дискриминација на судските службеници во однос на судиите и јавнообвинителските службеници“.
Мемети, пак, вчера на прес-конференција објасни зошто проблемот со незадоволството на вработените во администрацијата во судството е многу поголем отколку што изгледа и притоа направи споредба со вработените во извршната власт:
“Во извршната власт, владата, за едно вработено лице се издвојуваат милион и пол денари на годишно ниво. За вработен во судската администрација, според она што може да се прочита и да се спореди во Буџетот, се издвојуваат само 500.000 денари годишно. Има страшна неправичност во однос на судската администрација. Судската власт, односно претседателот на Судскиот совет, кој е предлагач на судскиот буџет, не ја одигра улогата. Судскиот совет воопшто не води грижа, не дава предлози за финансиски средства колку што треба, тој не креира политики. Лицата вработени во судската администрација имаат право да се чувствуваат нееднакви во општеството“, предупреди Мемети.
Тој смета дека принципот на правичност е прекршен од страна на предлагачот на судскиот буџет, а тоа е претседателот на Судскиот совет, но и од страна на тие што го изгласуваат Буџетот на РМ. Мемети потсети дека обвинителството доби покачување, затоа што Советот на јавни обвинители побара покачување, што не е случај со Судскиот совет.
Во моментов не се достапни за изјави ниту претседателот на УПОЗ Пеце Грујовски, ниту Судскиот совет на РМ.