Како лидер на политичката опозиција во земјата, Зоран Заев стана синоним за храброст и предводник во борбата за правда, слобода и демократија, наведено е во неговата биографија доставена вчера до Собранието. Премиерот Заев е предлог за министер за финансии, а самиот најави дека двете функции најверојатно ќе ги извршува паралелно до следните избори.
„Како лидер на политичката опозиција во земјата, Зоран Заев стана синоним за храброст и предводник во борбата за правда, слобода и демократија. Во февруари 2015 година, Заев го почна проектот „Вистина за Македонија‘, објавувајќи го прислушуваниот материјал со кој беа откриени криминалните активности на владата предводена од Груевски“, се вели во биографијата.
За неговите почетоци, во биографијата е наведено дека израснал во скромно, земјоделско и традиционално семејство и почнувајќи од рана возраст, тој и неговиот помлад брат беа вклучени во семејниот земјоделски бизнис, како единствен извор на приход.
„Заев и неговиот брат беа воспитани да бидат вредни луѓе кои никогаш не ги одложуваат обврските и веруваат дека постои решение за секој проблем. Подоцна во својот живот, ја запознал неговата сопруга Зорица Заева со која има две деца, Александра и Душко. Зоран Заев беше средношколец кога Македонија ја стекна својата независност во 1991 година. Покажува афинитети за математика и беше опкружен со членови на семејството кои беа просперитетни бизнисмени, активни и почитувани во социо-политичката и економската сфера на македонското општество. Во 1997 година, Заев дипломирал на Економскиот факултет на скопскиот Универзитет ’Св. Кирил и Методиј‘ каде што продолжил со постдипломски студии по монетарна економија и финансии“, стои во биографијата.
Понатаму во биографијата е наведено дека во 2005 година, Заев стана градоначалник на градот Струмица.
„Под негово водство, градот оствари економски подем и стана град со најдобар кредитен рејтинг. По победата на изборите во 2013 година, го започна својот трет последователен мандат како градоначалник на овој град и оваа функција ја извршува до декември 2016 година. Поради очигледниот успех во развојот на градот, Зоран Заев стана еден од најпопуларните политичари во Македонија поради неговата отвореност и достапност. Тој беше единствениот градоначалник кој на својата работа и даде најголема јавност и транспарентност преку редовните месечни настапи на локална телевизија, каде ја претставуваше работата на општината и одговараше на сите прашања на граѓаните“, се вели во биографијата.
За економските теми, во биографијата стои дека а време на мандатот на Заев, државата постигна историски најниска стапка на невработеност во јуни 2019 од 17,8%, како и највисока стапка на директни странски инвестиции во износ од 624,5 милиони евра за 2018 година.
На крај се споменува дека Заев, заедно со неговиот колега Ципрас, во 2019 година ја доби и официјалната номинација за Нобеловата награда за мир.
Претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа седницата за избор на новите министри за в среда.