ЗА ПРЕДИЗБОРНИТЕ СПОТОВИ НА ВМРО-ДПМНЕ „КРИМИНАЛНА ВИСТИНА” И „ШТАНД НА ЛАГИТЕ”, ВИЛМА РУСКОВСКА НА СУД БАРА СОЛИДАРНА ШТЕТА ОД 10.000 ЕВРА

    ЗА ПРЕДИЗБОРНИТЕ СПОТОВИ НА ВМРО-ДПМНЕ „КРИМИНАЛНА ВИСТИНА” И „ШТАНД НА ЛАГИТЕ”, ВИЛМА РУСКОВСКА НА СУД БАРА СОЛИДАРНА ШТЕТА ОД 10.000 ЕВРАОбвинителката Вилма Русковска во тужбата навела дека за време на емитувањето на спотовите со неа од страна на ВМРО-ДПМНЕ, таа преживеала анксиозност, душевна болка, загриженост... - Од предизборен спот на ВМРО-ДПМНЕ (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Почна граѓанската парница по тужба на Обвинителката за Организиран криминал и корупција Вилма Русковска против Игор Јанушев како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, против партијата и коалицијата, за два спота во предизборната кампања во кои таа од ВМРО-ДПМНЕ се претпоставува како слуга на СДСМ.

    „Ова е обид на саркастичен и автентичен начин да се искритикува работата на владејачката СДСМ и на нејзините институции. Ова е во согласност со одлуките на Европскиот суд за човекови права и слободи и членот 10 за слобода на говор и информирање на јавноста. Со паричната отштета тужителката ја плаши слободната критична мисла во државата”, рече адвокатот на ВМРО-ДПМНЕ Панче Тошковски.

    Русковска во тужбата навела дека за време на емитувањето на спотовите со неа од страна на ВМРО-ДПМНЕ, таа преживеала анксиозност, душевна болка, загриженост… Бара отштета од 10.000 евра од тужените, кои рече дека би ги донирала во Детско село, каде што најмалку еднаш годишно донира во помали суми.

    Се работи за спот „Криминална вистина”, во кој се тврди дека поднесува обвиненија по нарачка, а не според докази и за спотот „Штанд на лагите”, во кои, според неа, изнесен е невистинит факт дека ја извршува својата функција под влијание на СДСМ.

    „За двете клевети тужените не доставија докази до денеска. Тие требаше да истакнат и докази дека тужителката Русковска ја врши функцијата под влијание на политичка партија”, рече нејзиниот адвокат, кој смета дека во двата спота нема никаква критика на работењето на Русковска, туку на најгруб начин таа е обележана дека незаконски ја врши функцијата.

    „Ова не е јавна критика, бидејќи тоа подразбира конкретни факти, а не инсинуации за една личност. Употребена е во политичка кампања каде таа не е ни учесник”, рече тој.

    Русковска не бара секој од тужените (две физички и две правни лица), да платат по 10.000 евра, туку солидарно, сите да платат вкупно 10.000 евра.

    На 5 октомври ќе се пуштаат спотовите во судницата во Основниот граѓански суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира