ИГОР ЈАНУШЕВ ГО ИЗГУБИ МЕСТОТО ПРЕТСТАВНИК ВО СУДОТ НА ВМРО-ДПМНЕ, КОЈА Е ОБВИНЕТА ЗА НЕЛЕГАЛНО СТЕКНАТ ИМОТ ОД 5 МИЛИОНИ ЕВРА

    ИГОР ЈАНУШЕВ ГО ИЗГУБИ МЕСТОТО ПРЕТСТАВНИК ВО СУДОТ НА ВМРО-ДПМНЕ, КОЈА Е ОБВИНЕТА ЗА НЕЛЕГАЛНО СТЕКНАТ ИМОТ ОД 5 МИЛИОНИ ЕВРАИгор Јанушев завчера си даде оставка од функцијата генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, а на судењето кое конечно почна по 15-ина одлагања во текот на скоро цела една година, денеска не дојде ни претставникот Наум Стоилковски. (Фото: СДК.МК)

    Доскорешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, по оставката од оваа функција во партијата на 21 септември, веќе не е нејзин претставник во случајот „Талир“ за перење на 5 милиони евра. На судењето кое конечно почна по 15-ина одлагања во текот на скоро цела една година, денеска не дојде ни претставникот Наум Стоилковски.

    „Наум Стоилковски не е присутен од здравствени причини. Другиот претставник од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев е сменет од партиските органи“, кажа адвокатот.

    Судијата Осман Шабани по ова внесе во записник дека ако во рок од три дена портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Стоилковски не донесе медицинско оравдување ќе добие казна, и го одложи судењето за 21 октомври.

    За испраните околу 5 милиони евра, СЈО има фатено уплатници, документи и други материјални докази, како и изјави од сведоци. Не се базира, како што беше кажано, само на бомбите.

    Обвинението за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ го товари првообвинетиот екслидер на партијата Никола Груевски за Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело. Груевски е избеган во Унгарија од 11 ноември 208 и во сите процеси му се суди во отсуство.

    За истите две кривични дела, казниви со затвор, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.

    Во обвинението, на избеганиот Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и нелегални извори на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Бил помогнат од Божиновски и од Јанакиевски кои, во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на фирми кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа, како знаат да обезбедат пари во кеш за потребите на финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како противуслуга за добиените тендери.

    Вака обезбедените финансиски средства во готовина, Никола Груевски не ги вратил во буџетот, откај што доаѓале, а што е обврска согласно Законот за финансирање на политички партии. Со тоа прибавил незаконски средства за финансирање на ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 4.608.661 евра.

    Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Груевски и Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Јанакиески и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.

    Откако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на партиската жиро сметка, обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија, иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за партијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира