ИЛЕ СТРЕЗОСКИ ЗАКРЕПНУВА СО СРЦЕТО НА ВЕРИЦА БЕЛЧОВСКА, НЕЈЗИНОТО СЕМЕЈСТВО ЌЕ ДОБИЕ ВЛАДИНА ПОМОШ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ИЛЕ СТРЕЗОСКИ ЗАКРЕПНУВА СО СРЦЕТО НА ВЕРИЦА БЕЛЧОВСКА, НЕЈЗИНОТО СЕМЕЈСТВО ЌЕ ДОБИЕ ВЛАДИНА ПОМОШ, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕФилипче со Иле Стрезоски и со семејството на починатата дарителка Верица Белчовска. (Фото: Фејсбук профил на Венко Филипче)

    Дваесет и двегодишниот Иле Стрезоски од тетовско Брвеница полека закрепнува на Клиниката за кардиохирургија, неполни два дена по трансплантацијата на срце, а пак семејството на дарителката Верица Белчовска ќе добие помош од Владата, објави на Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче. Рано изутрината на 17 април на Клиниката за кардиохирургија, мултидисциплинарен тим од повеќе клиники работеше на втората трансплантација на срце во земјава.

    Дваесетгодишната Белчовска од село Русиново, Беровско, загина во собраќајна несреќа, а нејзиното семејство се согласи да ги донира нејзините срце, бубрези и коскени ткива, спасувајќи животи на десетина пациенти.

    „Денес се сретнав со семејството на Верица, младата девојка која трагично го загуби животот, но чие семејство ги донираше нејзините органи. Со овој чин досега спасија три животи. Чест ми беше да ги запознаам овие луѓе чија големина и алтруизам оставаат без зборови. Во име на Владата и мое лично име им ветив дека ќе добијат целосна поддршка за решавање на проблемот со вработувањата кои ги имаат и уште еднаш им се заблагодарив од срце за нивниот несебичен гест. Органодарителството е највисок чин на хуманост, драго ми е што се повеќе граѓаните стануваат свесни за неговата важност“, вели Филипче, додавајќи: „Бескрајно благодарен на тимот на лекари кои помогнаа Стрезоски да добие нова шанса за живот и пред сѐ на семејството на младата девојка чие срце денес чука во неговите гради. Му посакувам што поскоро да закрепне и да се врати дома кај неговото семејство.

    Семејството на Белчовска во саботата изјави дека донело одлука да се донираат нејзините органи, бидејќи сакале да спасат животи. Нејзиниот брат Мартин верува дека аконим им биле потребни, ќе им се излезело во пресрет и затоа помогнале, бидејќи така ќе живее и неговата сестра.

    „Сакаме да дадеме до знаење дека органите треба да се донираат, а се одлучивме на тоа бидејќи сакаме да спасиме животи. И нам, доколку ни беа потребни, верувам дека ќе ни се излезеше во пресрет. Затоа и ние сакавме да помогнеме, бидејќи така ќе живее и нашата сестра“, вели Мартин Белчовски за државната агенција МИА.

    Трансплантацијата на срцето на Белчовска се изврши на Клиниката за кардиохирургија, a тимот го предводеше директорот на државната кардиохирургија проф.д-р Сашко Јовев, академик д-р Жан Митрев, д-р Васил Папестиев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Никола Христов, д-р Тања Анѓушева, д-р Дејан Димитровски, д-р Александар Колев, д-р Кујтим Џелили, д-р Ванѓел Здравевски, д-р Соња Граждани, д-р Марија Ѓеракаровска, д-р Надица Мехмедовиќ, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Весна Миташова, д-р Јасмина Илиевска, д-р Дарко Стефановски, медицинските сестри Марија Дојчиновска, Слаѓана Гроздановска, Мартина Караџоска, Имран Елези, Христина Николоска, Милица Ѓ. Ристовски, Анита Ангеловска, Магдалена Томовски, перфузионистите Стефан Кметовски и Борче Димоски, Верче Стојкоска.

    Покрај транслантацијата на срцето, за првпат во историјата на македонското здравство, на Клиника за ортопедија од тимот на д-р Александар Трајановски, д-р Милена Богојевска Доксиевска, д-р Александар Савески, д-р Дејан Дамјановиќ, д-р Виктор Камнар беше направена експлантација на коски и коскени ткива од починат донор. Оваа недела е планирана апликација на еден сегмент од коска кај пациент со метастаза од карцином на бубрег, отстранет пред 12 години.

    „Секојдневно се зголемува листата на реципиенти кои страдаат од коскен или мекоткивен дефект настанати како последица од тумор, траума, вродена аномалија и слично. Ткивата од еден донатор може да го подобрат животот на над 70 други луѓе, а на некои од нив и да го спасат“, кажа Филипче.

    Првата трансплантацијата на срце на Клиниката за кардиохирургија во Скопје беше направена на 23 мај лани, кога ново срце доби 54-годишен пациент.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира