Претседателот Стево Пендаровски годинава на централната прослава на 2 Август на Мечкин Камен во Крушево, нема да држи политички говор. Претседателот денеска на брифинг со новинарите кажа дека одлучил годинашната прослава да биде поинаква, да биде за обединување на сите граѓани и политички партии, а не како изминативе 30 години со исвиркување, навреди и клетви.
„Оваа година мене ми се паѓа да бидам на прославата на Мечкин Камен и решив тоа да го направам поинаку оти досега сме немале добро искуство. Знаеме како поминувало одбележувањето на овој според мене најзначаен ден за земјава, со поделби на патриоти и предавници, свиркања, навреди. Одлучив да не држам политички говор. Пораки за Илинден ќе даде актерот Никола Ристановски кој ќе го чита и Крушевскиот манифест. Потоа ќе настапи Ансамблот ‘Танец’ и Ансамблот на албански песни и ора. На крај краток концерт ќе има Влатко Стефановски. Има ли подобар говор од Влатко Стефановски и ‘Танец'”, рече претседателот Пендаровски.
Прославата, како што кажа, е закажана во 18 часот, за да можат сите лидери да стасаат од местата каде ќе си имаат обраќање, Поканети лично преку претставници од кабинетот на Пендаровски се лидерите на сите политички партии. Потврда досега дека ќе присуствуваат дале премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети и на ГРОМ Стевчо Јакимовски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски уште не одговорил дали ќе присуствува на прославата или не.
Пендаровски утрото на 2 Август во Крушево ќе учествува на панихида во локалната црква Свети Никола каде ќе се палат свеќи за хероите, потоа ќе положи свежо цвеќе на гробот на Никола Карев и на Македониумот. Како што кажа прославата на Мечкин Камен ќе започне традиционално со парада на коњаниците, по што ќе следи патролирање на Воениот оркестар.
„Ќе поминам и јас низ народот по патот кој води до Мечкин Камен, нема да се кријам. Идејата е да се обединиме, да бидеме сите заедно“, додава Пендаровски.
А. АНТЕВСКА