До вчера се регистрирани 14 ковид позитивни ученици, што претставува 0,01 од вкупниот број на ученици кои посетуваат настава со физичко присуство, а тоа е над 233 илјади, рече денеска министерката за образование и наука Мила Царовска. Ист е процентот и кај наставниот кадар. Во учебната 2021-2022 година, настава во основните и средните училишта посетуваат околу 257 илјади ученици.
„Потенцирам дека сѐ уште нема интерна трансмисија во ниту едно училиште. За тоа кои училишта, кои деца или наставници се позитивни, информација имат надлежните служби, епидемиолозите, Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Државниот просветен инспекторат и тие постапуваат во нивните надлежности и се на располагање. За јавноста е значајно да знае дека процентот е 0,01 на ниво на цела држава. Покажување со прст кон училиште или ученик нема да донесе добро никому“, изјави Царовска по посетатата на Основното училиште „Ацо Шопов“ во Општина Бутел.
Царовска апелираше на доследно почитување на протоколите за заштита, бидејќи, како што рече, минатогодишното искуство ни покажа дека со практикување на мерките, училиштата не се преносители на заразата.
Секако, вели министерката, неопходно е одговорно однесување и надвор од училишните објекти.
„Само така ќе спречиме ширење на вирусот и ќе овозможиме квалитетна едукација за младите, преку настава со физичко присуство која нема подобра алтернатива“, додаде Царовска.
Б. НЕСТОРОСКА