ИМА ДОВОЛНО ПРОТИВОТРОВ ЗА КАСНУВАЊА ОД ЗМИИ ВО СКОПЈЕ И ВО БОЛНИЦИТЕ НИЗ ЗЕМЈАВА, ВЕЛАТ ДИРЕКТОРИТЕ

    ИМА ДОВОЛНО ПРОТИВОТРОВ ЗА КАСНУВАЊА ОД ЗМИИ ВО СКОПЈЕ И ВО БОЛНИЦИТЕ НИЗ ЗЕМЈАВА, ВЕЛАТ ДИРЕКТОРИТЕЦентарот за управување со кризи (ЦУК) апелираше на внимателност при прошетките во природа поради опасност од каснување од змија. (Фото: СДК.МК)

    На Инфективната клиника во Скопје има доволно количини противотров за каснувања од змии и серум антиверпин, вели директорот Фадил Цана. Тој додава дека периодов не е зголемен бројот на пациенти кои бараат третман поради каснувања од змии.

    Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелираше до граѓаните дека при прошетки во природа може да бидат гризнати од змии. Змиите најчесто бегаат од луѓето, но касаат ако бидат намерно вознемирувани или во ретки случаи ако случајно бидат нагазени или наседнати.

    „Во таков случај и по прва самопомош е корисно да се јават на 112 во ЦУК, при што ќе бидат поврзани со Итната медицинска помош. Важно е да се потсети дека ако змијата е отровна, покрај правилната прва самопомош е многу важно и за што пократко време да се добие и медицински третман“, велат од ЦУК.

    ЦУК потсетува дека змиите се дел од природата и не е препорачливо да се убиваат.

    Доволно количини има и болниците во Велес и во Кавадарци, како и во Здравствен дом Струмица и во Ново Село. Серум има и во Кумановската болница, а противотров за каснување од змија има и во Клиничката болница Битола.

    На 11 јуни САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека Холанѓанец во Охрид каснат од змија на 10 јуни бил транспортиран со екипа на Итната медицинска болница во Дебар оти во Општата болница во Охрид во моментот немале противотров за змии. Последниот бил даден на повозрасна жена која била донесена во болницата на 7 јуни. Болницата во Дебар дента била единствената во блискиот регион која имала серум антивипериум.

    Јетлумт Пашоли, директор на болницата во Дебар, вели дека пациентот бил донесен за да прими терапија и веднаш бил вратен во Охрид.

    „Во тек е тендерската постапка за набавка на лекарства и во меѓувреме колегите во Охрид немале, ги завршиле антивипериум серумите познати како противотров за змии, ние имавме оти имавме такви случаи и набавивме и во овој случај направивме услуга. Значи, го донесоа пациентот, го боцнавме и веднаш го вратија. Нашата болница има ваков серум и луѓе сме се, помагаме институционално“, рече Пашоли.

    Од Охридската болница велат дека серумите се трошат оти имаат зголемен број пациенти, а само во изминатите два месеца имале три случаи на каснување од змија. Во Охрид веќе е набавена комплетната терапија за вакви пациенти.

    ЕКИПА НА САКАМДАКАЖАМ.МК

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира