Во овогодинешниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2026 година е забележан поголем напредок во однос на минатата година, особено во дигиталната трансформација, истражувањето, науката и образованието, вклучително и преку усвојувањето на законот за електронски комуникации, како и во преземањето чекори во владеењето на правото преку носење добри закони, рече евроамбасадорот Михалис Рокас на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.
Рокас рече дека земјата веќе достигнала добро ниво на подготвеност и постигнала значително усогласување со законодавството на ЕУ, со што останува меѓу кандидатките со највисоко ниво на подготвеност, но додаде дека Унијата сака да види уште повеќе напредок. Како позитивни аспекти тој ги наведе усогласеноста на надворешната и безбедносната политика со онаа на ЕУ во време на сериозни предизвици, што покажува дека државата е сигурен партнер кој ги споделува стратешките приоритети на Унијата. Според него, земјата го засилила својот ангажман во Планот за раст на ЕУ и станала една од водечките држави со добри резултати во имплементацијата на Реформската агенда, а како дополнителна придобивка за граѓаните го посочи и учеството во единствената зона за плаќања СЕПА.
Сепак, евроамбасадорот укажа дека треба да се направи разлика меѓу напредокот во Реформската агенда и пошироката проценка во извештајот за проширувањето, кој ги опфаќа сите области од односот кон ЕУ и каде што напредокот е нерамномерен. Во извештајот е нотирано дека во текот на извештајниот период не е постигнат напредок во спречувањето и борбата со корупцијата, за што се потребни посилни институции, ефективни истраги и гонења, како и опипливи резултати во справувањето со корупцијата на високо ниво.
Рокас рече дека за членството во ЕУ, но пред сè за подобрување на животот на граѓаните, бизнисите, економскиот раст и враќањето на довербата во институциите, неопходна е поодлучна акција за обезбедување независно судство преку заштита на судиите и обвинителите, заштита на слободата на медиумите и на изразувањето, како и дополнителни напори во јавната администрација, јавните набавки, енергетиката и заштитата на животната средина.
Во однос на пристапните преговори, Рокас потсети дека уставните промени договорени во 2022 година сè уште не се завршени и дека ЕУ е подготвена да го заврши отворањето на преговорите во мигот кога ќе бидат донесени овие измени, кои се преземена обврска од земјата. Тој ги повика сите политички страни на дијалог, соработка и активна работа на реформите од кои граѓаните имаат директна корист. Евроамбасадорот додаде дека во услови на длабоки геополитички предизвици проширувањето е стратешки приоритет за мирот и стабилноста, при што ЕУ останува целосно посветена на европската иднина на државата со политичка, техничка и финансиска поддршка, но напредокот ќе зависи од домашните резултати и исполнувањето на обврските.
Премиерот Мицкоски на прес-конференцијата кажа дека членството во Унијата носи конкретни придобивки за државата, но повтори дека владината позиција за уставните измени останува непроменета и дека Македонија очекува европскиот пат да се заснова на принципи и на исполнување на реформите.



