Само 22 дискотеки низ државата имаат лиценци за работа, утврдено е при контролата на Пазарната инспекција која беше спроведена после пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ каде загинаа 59 лица главно на возраст од 14-25 години. Кај 15 клубови констатирано е дека лиценцата им е истечена. Сите оние кои немаат лиценца или им е истечена се затворени од инспекторите, соопшти Владата. На 16 и 17 март се извршени околу 50 контроли.
„Сите 22 објекти коишто имаат важечка лиценца дополнително се проверуваат дали ги исполнуваат минимум техничките услови коишто се потребни за да ја добијат таа лиценца. Заедно со останати надлежни институции за тоа ќе излеземе со дополнителни информации откако ќе заврши целиот надзор којшто тие го прават“, рече владината портпаролка Марија Митева.
- УАПСЕН ПОТПИСНИКОТ НА ПРОЕКТОТ ДЕКА КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА „ПУЛС“ ГИ ИСПОЛНУВА СИТЕ УСЛОВИ ДА ДОБИЕ ЛИЦЕНЦА И ДА РАБОТИ
- ДИСКОТЕКА НЕ СМЕЕ ДА ИМА ВО ЗОНА НА ДОМУВАЊЕ, АМА ПОСТАПКИТЕ ЗА ЛИЦЕНЦА СЕ ОЛЕСНЕТИ И ОСТАВЕНИ НА СОВЕСТ НА ГАЗДИТЕ
Во Скопје се проверени 13 објекти, од кои само 2 поседуваат важечки лиценци за кабаре, 8 имаат истечени лиценци, а 3 објекти немаат никаква лиценца. Во Куманово има 3 објекти, сите со важечки лиценци за кабаре. Во Штип, Виница и Делчево по еден објект е регистриран како кабаре и сите поседуваат важечки лиценци.
Во Струмица има 4 објекти од кои 2 со важечки лиценци за диско-клуб, еден со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор, а еден со истечена лиценца. Во Гевгелија имам еден објект со истечена лиценца. Во Велес има еден објект со важечка лиценца за диско-клуб и еден со важечка лиценца за кабаре.
Во Битола има четири објекти и три со важечки лиценци за кабаре, а еден со важечка лиценца за диско-клуб на отворен простор. Во Прилеп има два објекта, и двата се со истечени лиценци. Во Кавадарци има еден објект со важечка лиценца, а во Неготино еден објект со истечена лиценца.
Во Охрид има четири објекти од кои два со важечки лиценци, еден со важечка лиценца за диско-клуб, а еден објект е без лиценца. Во Кичево има еден објект со важечка лиценца за кабаре. Во Гостивар има еден објект со истечена лиценца. Во Тетово има шест објекти, од кои за четири нема податок, а два се со истечени лиценци.
За објекти, коишто се со истечена важност на лиценцата или немаат воопшто лиценца, Државниот пазарен инспекторат донесе забрана за вршење на нивната дејност сè додека не се утврдат сите потребни документи, додека не се провери дали воопшто поседуваат услови, минимално технички услови за вршење на дејност за истите да можат да обезбедат дополнителна лиценца.
Во Министерството за економија се прави и проверка на лиценците дали повторно има некој случај со злоупотреба на архивското работење, односно за некоја лиценца да е заведена по друга основа.