Премиерот Зоран Заев по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека му ги соопштил ставовите за притворот на опозициските пратеници за 27 април, како и тоа дека имал разбирање за тоа што не е комплетна пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
„Немам намера никако да вршам притисок и влијание врз правосудството, тоа е недозволиво, законот важи за сите. Но, ќе кажам дека притворот не смее да биде казна. Сепак, тоа е обврска и право на обвинителството и судовите во Македонија“, изјави Заев.
На прашање дали смета дека истрагите за 27 април обвинителството на толку многу снимки и докази ги води многу бавно, Заев одговори: „Сметам дека побрзо треба да се водат постапките, фактички ништо не е променето со смената на власта. Притворот се третира како и претходно, за казна на осомничените“.
А на прашање дали државниот обвинител Љубомир Јовевски, кој беше избран на предлог на Владата, го брифирал зошто одат толку бавно истрагите и сè уште нема обвиненија за 27 април, иако се работи за притворски предмет, Заев одговори дека со обвинителот се видел и се поздравил три пати во Собранието.
„Ако прашам за истрагите, не знам како ќе бидам сфатен. Може пратениците да поставуваат пратенички прашања за овие истраги, а треба и новинарите постојано да истражуваат на оваа тема“, кажа Заев.
Со Мицкоски разговарале и за Законот за употреба на јазиците, за кој ВМРО-ДПМНЕ има поднесено околу 35 илјади амандмани. Како што рече Заев, ако се има малку разум, законот треба да се донесе во Собранието, па кој смета дека не е уставен да го оспори пред Уставниот суд, а не да се блокира Собранието пред вакви важни моменти за изгласување еден куп реформски закони од кои зависи европската иднина на Македонија.
С. К. ДЕЛЕВСКА